Кремљ воведува нови даноци за странските технолошки компании

36

Руската влада во вторникот го објави планот за воведување нови даноци за дигиталните услуги во странска сопственост до ноември, дел од пакетот предлози за кои Москва вели дека се насочени кон поддршка на домашниот технолошки сектор.

Предложениот данок за странските технолошки компании е претставен како дел од меѓународниот напор за преговарање на новите глобални даночни правила за подобро да се надоместат приходите генерирани од големите технолошки компании познати по префрлањето на нивниот профит во јурисдикции со ниски даноци.

Заменик-министерот за финансии, Алексеј Сазанов, претходно оваа година рече дека големите странски дигитални компании што даваат услуги во Русија треба да се оданочуваат за добивката и дека Москва учествува во дискусиите со париската Организација за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Но, во случајот со Русија, овој потег доаѓа и во услови на пошироки напори да се зајакне контролата врз Интернет и да се промовираат домашни алтернативи за услугите што ги нуди Силиконската долина.

Русија се обидува да ги принуди странските компании да отворат канцеларии на нејзина територија и да складираат руски лични податоци таму.

Другите мерки што веќе стапија на сила оваа година вклучуваат серија даночни намалувања за локалните ИТ компании. Следниот закон бара паметните телефони, компјутери и други уреди купени во Русија да им понудат на корисниците претходно инсталиран руски софтвер.

Пакетот дополнителни мерки, објавен во вторникот, има за цел да ја зголеми побарувачката за домашни технологии и да ја забрза дигиталната трансформација на делови од економијата, се вели во владиното соопштение.

Во меѓувреме, рускиот суд во вторникот соопшти дека ги казнил американските компании „Фејсбук“ и „Твитер“ затоа што не избришале содржини што Москва ги смета за нелегални.

Окружниот суд во Тагањск соопшти дека на Фејсбук му биле изречени пет казни во вкупна вредност од 21 милион рубљи (287.850 американски долари). Твитер доби две казни во вкупна вредност од 5 милиони рубли.

Популарната апликација за пораки Телеграм е казнета со 9 милиони рубљи, соопшти судот.

Во март, државниот регулатор за комуникации „Роскомнадзор“ започна да ја блокира брзината на Твитер, бидејќи компанијата не ги отстрани забранетите материјали доволно брзо.

Интернет услугите се под зголемен притисок пред парламентарните избори во Русија од 17 до 19 септември. „Роскомнадзор“ се обидува да блокира виртуелни приватни мрежи (VPN) и онлајн ресурси поврзани со критичарот на Кремљ, Алексеј Навални.

„Роскомнадзо“р се обиде да го ограничи пристапот до апликацијата што тимот на Навални планира да ја искористи за да организира тактичка или „интелигентна“ кампања за изборите. Активистичката мрежа на Навални беше забранета летово за време на политичките акции.

Федералната служба за извршители на Русија во вторникот соопшти дека сака да ја натера „Алфабет“, под која се наоѓа Гугл да се придржува кон судската наредба со која се забранува употреба на терминот „паметно гласање“ во нејзиниот систем за пребарување клучни зборови, пренесе „Интерфакс“.

Државните извршители влегоа во локалните канцеларии на Гугл доцна во понеделникот, објави Комерсант, повикувајќи се на извор.