Фото: Pixabay
Секојдневно на работа се соочуваме со ситуации за кои сметаме дека не се во ред. Се обидуваме на безболен начин да го изразиме нашиот став, но многу често тоа го правиме несоодветно, деструктивно, импулсивно. Старата поговорка вели: “Кој работи, тој греши”, но за да се укаже на грешката потребно е да имаме на ум неколку битни факти, со цел да не го повредиме оној кој греши, а сепак грешката да се исправи.
- Секој човек различно критикува и секој човек различно ја прима критиката. Тоа првенствено зависи од карактерот и од целокупната личност, вклучувајќи ги нивото на толеранција, нивото на фрустрација, вредносниот систем, воспитувањето итн. Секоја критика има субјективна компонента и би било добро да ја препознаеме кога критикуваме, за да бидеме конструктивни и да ја контролираме сопствената его состојба, но и кога примаме критика, за да го прифатиме само оној дел кој директно ќе влијае на подобрување на нашата работа.
- Секогаш прво пофалете го доброто однесување, па потоа критикувајте. Доколку на работникот му се даде позитивен feedback за добро сработеното, тој е мотивиран истото да го повтори, но доколку веднаш се премине на критика, тој ќе ја пречека со отпор и револт кој може да биде и надворешно изразен. Никој не сака да биде критикуван, па ако е неизбежно тоа да се стори, тогаш добро е да му воочиме на оној кој греши дека имаме увид и во неговите позитивни однесувања. На тој начин се покажува дека критиката не е случајна, туку дека се следи целокупниот ангажман на работникот, а тој ја прифаќа со доверба и мотивација да ја исправи грешката.
- Критиката се насочува кон однесувањето, а не кон личноста. Никој нема право да ја напаѓа нашата личност. Сите сме чувствителни на тоа. Ако некој греши, грешката ја прави во одредена ситуација со одредено однесување и потребно е само тоа да се корегира. Претпоставениот не може да влијае да се промени нечија личност, но добра критика може да влијае да се промени одреденото, несоодветно однесување.
- Критиката се упатува директно и “на само”. Единствен начин да се постигне конструктивна критика е да се укаже директно на причинителот без присуство на останатите соработници. Доколку се критикува пред други, се пренесува ставот на критичарот како нивни став, но возможно е да се јави пренос на револт како кај критикуваниот, така и кај останатите присутни.
- Доколку критиката се изнесува со агресија, автоматски не се перцепира критикувањето, туку агресијата. Во одредени случаи ваквата агресија ќе предизвика срам и страв кај критикуваниот, но најчесто лутина, омраза и револт. На тој начин истата има само негативен ефект.
- Секој вработен има свои работни задолженија, па според тоа прифатлива критика би била онаа која се однесува само на некое од нив. Доколку го критикуваме работникот за нешто што не е во негова моќ или надлежност, однапред би требало да знаеме дека нема да има ефект.
- Колку сме компетентни да критикуваме одредена ситуација или работник ќе покаже и решението кое го нудиме како исправка на згрешеното. Залудно посочуваме грешка, доколку немаме идеја како да ја надминеме. Пред да се впуштиме во негативно оценување на нечија работа, би било добро да размислиме што би можело поинаку да се направи и истото да го споделиме.
- Кога посочуваме на нечие непродуктивно однесување, претпоставуваме дека истото ќе се промени, но свесни сме дека може и да не се случи промената. Немаме право да наредуваме бидејќи секој има право на слободно одлучување. Но, доколку се повторува критикуваното однесување и во иднина, претпоставениот може да ги соопшти и следните чекори кои би било неопходно да се применат за работата да не трпи регрес.
Критиката може да биде корисна доколку биде насочена кога треба и како што треба. Може да биде и деструктивна, со негативен став и обоена со предрасуди. Бидејќи е неизбежна во секојдневните работни околности, на нас останува да се потрудиме да бидеме вешти и да го искористиме најдоброто од себе во поглед на подобрување на нашето или туѓото однесување.