
На светските пазари, цените на нафтата пораснаа за повеќе од 2,5 проценти минатата недела и продолжија да растат во понеделник, бидејќи трговците стравуваат од прекини во снабдувањето од Блискиот Исток откако САД ги бомбардираа нуклеарните постројки во Иран во саботата.
Цената на барел на лондонскиот пазар минатата недела се зголеми за 3,6 проценти, на 77,01 долари, додека на американскиот пазар, барелот порасна за 2,7 проценти, на 73,84 долари.
Во понеделник наутро, цените дополнително се зголемија за повеќе од 2 проценти, достигнувајќи петмесечни максимуми.
Ова е последица на ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, откако САД се приклучија на војната меѓу Израел и Иран.
Имено, во саботата, американски воени авиони бомбардираа три нуклеарни постројки во Иран, што би требало да му оневозможи на Техеран да произведува нуклеарно оружје.
Иран одговори со уште поинтензивен ракетен оган врз цели во Израел, што се заканува дополнително да го ескалира конфликтот на Блискиот Исток.
Трговците стравуваат за испораките на нафта преку Ормутскиот теснец, низ кој дневно минуваат 18 милиони барели нафта, кондензат и гориво.
Вашингтон ја повика Кина да го спречи Иран да го затвори теснецот низ кој минуваат околу 20 проценти од светската нафта.
„Во сценарио каде што Иран селективно би го нарушил протокот во Ормутскиот теснец, цената на барел нафта би можела да се искачи над 100 долари“, рече Вивек Дар, аналитичар во Комонвелт банката на Австралија.
Во изминатите десет дена, колку што трае ракетниот оган меѓу Израел и Иран, цената на барел нафта на лондонскиот пазар се зголеми за повеќе од 13 проценти, а на американскиот пазар за повеќе од 10 проценти.
Фото: Pixabay