Кризната 2022 година ја завршивме со рекорден изонос на странски инвестиции

53

„Во 2022 година, една од најкризните години во Европа и светот, фактите покажуваат дека имаме рекорден износ на странски директни инвестиции – 430 милиони евра, во технолошко-индустриските развојни зони. Отворени се нови 2.300 нови работни места, со плати повисоки од државниот просек“ рече премиерот Димитар Ковачевски на годишната конференција „Година на нови можности“.

Тој додаде дека со цел помош на компаниите, согласно Законот за финансиска поддршка на инвестиции, во 2022 година е исплатена државна помош од 23 милиони евра за 410 компании, кои вработуваат над 27 илјади лица.

„Ако ги погледнеме капиталните инвестиции, во 2022 година реализирани се 90 проценти од планираните капитални проекти, што е највисок остварен процент во претходните 10 години, во вредност од 465 милиони евра“ рече Ковачевски.

Премиерот истакна дека се градат и рехабилитираат 44 експресни, магистрани и регионални патишта, а тече изградбата и реконструкција на автопати во должина од 59 километри.

„Во образованието, завршена е изградбата на 3 училишни објекти и уште 3 се во фаза на градба. Завршена е реконструкцијата на 29 училишни објекти и е започната во 21 училиште. Како што најавиме, следува реконструкција на 118 училишни објекти“ рече Ковачевски и најави целосна реконструкција на сите девет државни студентски домови.

Ги зголемивме минималната плата и пензиите, со инклузивен пристап растат платите за сите

„ Ја зголемивме минималната нето плата, во март 2022 година на 18.000 денари месечно. Тоа е за 3.000 денари повисока минимална плата, од претходната година во април, кога изнесуваше 15.000 денари. Со измените и дополнувањата на Законот за минимална плата, што ги донесовме, во 2023 година, согласно порастот на трошоците на живот, минималната плата ќе изнесува околу 20.200 денари“ кажа премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање на годишната конференција „Година на нови можности“.

Тој додаде дека се зголеми и просечната нето плати, која во ноември 2022 година изнесуваше 33 илјади денари, што е за четири илјади денари повеќе од претходната година во истиот месец.

„Ги покачивме и пензиите во 2022 година и  редовна и предвремена исплата, а следува и ново покачување во 2023 година. Околу 330 илјади пензионери во државата веќе земаат повисоки пензии почнувајќи од ланската септемвриска пензија. Пензиите, во 2022 година пораснаа околу 10 проценти, што е историско покачување на пензиите и тоа за период од само една година. Реков дека носевме и краткорочни, но и системски мерки, така што во оваа 2023 година следува ново покачување на пензиите, според новата методологија на пресметка, којашто предвидува усогласување на пензиите според трошоците за живот и порастот на просечната плата. За една календарска година, со ова покачување, растот на пензиите ќе биде околу 16 проценти“ рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека со системските решенија за покачување на минималната плата и пензиите, никогаш повеќе веќе нема некој предизвборно да си поигрува со нив.

„Овој инклузивен начин на работа го применивме и кога ги покачивме платите: на сите припадници во одбраната,над 2.000 денари, во полицијата, за нови 5 проценти, на лекарите, за 5 нови проценти, со што основната плата на лекарите специјалисти за 4 години е зголемена за 40 проценти, на сите 25.000 наставници во основните и средните училишта за 15 проценти, на судските, јавнообвинителските службеници и на затворската полиција за 15 проценти. Создадовме услови за скор и иден пораст на платите во високото образование“ рече Ковачевски.