Кроација ерлајнс набавува 15 нови авиони Ербас

Кроација ерлајнс има намера да набави 15 нови авиони Ербас А220 до 2027 година. Првите два авиони ќе бидат испорачани следната година, следните шест во 2025 година, уште четири во 2026 година, а последните три во 2027 година.

Следната година ќе го означи почетокот на реализацијата на најголемиот проект во историјата на хрватската авиокомпанија и нов период по пандемијата Ковид-19, која беше тешка за воздухопловната индустрија. Кроација ерлајнс соопшти дека е во постојан и интензивен контакт со производителот на авиони Ербас, а првите испораки се очекуваат во втората половина на следната година, пренесува Пословни.хр.

Новите авиони ќе ја заменат целата постоечка флота на авиокомпанијата. „Кроација ерлајнс“ нагласува дека обновувањето на возниот парк претставува значаен технолошки пробив, поголема енергетска ефикасност и зголемено задоволство на патниците и вработените.

Енергетската ефикасност ќе се одрази со намалената потрошувачка на гориво за 25 отсто, а новите авиони со мотори од новата генерација ја намалуваат бучавата за 50 отсто. Заедно со обновувањето на флотата, последователно ќе бидат укинати и постоечките авиони на компанијата „Кроација ерлајнс“.