КСС: Недела ден за одмор, а оние кои ќе работат да земаат за 50% поголема дневница

23

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) го соопшти својот став во врска со тоа недела да биде прогласена за неработен ден.

КСС стои на ставот дека сегашното Законско решение само треба да се дополни и тоа:

– Во членот 134 став 2 да стои: Ден за неделен одмор е недела. Секоја работа во недела се пресметува како прекувремена работа и се исплаќа дневница зголемена за 50%.

– Во членот 134 да се додаде став 3: Неделното работно време не смее да се продолжува во недела и важи од понеделник до сабота.

Со ваква измена од КСС сметаат дека се задоволуваат потребите на работниците, но и на бизнис секторот од причина што во Законот за работни односи, член 117 став 5 вели дека: “Прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно”.

Со ваква измена во членот 134 и имајќи го предвид членот 117 каде што кажува колку најмногу може прекувремено да работи еден работник, од КСС сметаат дека се заштитува работникот од една страна, да не може да работи секоја недела, а од друга страна исплатата на дополнителна зголемена дневница го задоволува трудот кој сега би имал додадена вредност и капиталот се распределува порамноправно.

“Од една страна трговците лицитираат и лобираат, од друга страна ќе се направи хаос во Законот за работни односи, доколку се опишува кои дејности треба да работат, а кои не. Во време на економска криза многу лесно може да се случи заради неработење во недела да се намалат платите и да се кратат работни места. Од тие причини ние препорачуваме дека во моментот нашиот предлог е можеби и најприфатливо решение за сите засегнати страни“, велат од КСС.

Фото: Freepik