Куба ќе ги легализира малите и средни приватни бизниси

69

cuba

Властите во Куба најавија дека ќе ги легализираат малите и средни претпријатија, што ќе значи развој на овој вид приватни бизниси во една од последните комунистички земји во светот, пишува Associated Press.

Бизнисмените и економските експерти од Куба сметаат дека овие реформи ќе им помогнат на приватните компании да увезуваат и да извезуваат во други земји за прв пат, што е голем чекор кон раст на бизнисите во приватна сопственост.

Досега во земјата беше дозволено отворање на приватен бизнис за самовработување во неколку категории, како што се ресторани и фризерски салони. Новата економска реформа во земјата е објавена во документ на 32 страници, во којшто се наведува деталниот план за економски развој на земјата. Нејзиното спроведување во соодветна законска рамка се очекува да потрае неколку месеци, бидејќи своја согласност мора да даде Националното собрание на Куба, што се состанува два пати годишно.