Кубанците добија интернет кафулиња – “сурфаат” за 3,5 евра за час

11

kubaВо Куба официјално е дозволено отворање на 118 интернет кафулиња, во кои еден час користење на интернет чини 3,5 евра, што е премногу ако се земе во предвид дека најголемиот број Кубанци заработуваат до 15 евра месечно.

“Не гледам како можам да сурфам на интернет или да отворам профил на Facebook со плата од 11 евра. Еден час ќе ме чини скоро третина од платата. Претпоставувам некои луѓе можат тоа да си го дозволат. Но, повеќето нема да јадат само за да можат да се конектираат на интернет”, пишува независниот кубански новинар Иван Гарсија Квинтеро во колумната во Infobae, цитирајќи жена која заработува 375 пезоси (11 евра) месечно.

Жителите на Куба во моментов имаат пристап само до домашната варијанта на интернет, а не и до глобалната мрежа. До сега “сурфањето” по интернет беше можно само во хотелите, научните институции, некои државни служби и универзитетите.

Со новоотворените интернет клубови ќе управува државната телекомуникациска компанија ETECSA.

Пристапот до интернет на Куба и е овозможен откако во јануари беше поставен подводен оптички кабел кој ја поврзува со Венецуела.