Кулебанова: Женското претприемништво доби ISO стандард и во нашата земја

77

На иницијатива на Сојузот на стопански комори на Македонија, Институтот за стандардизација на Република Северна Македонија воведе посебен стандард за женско претприемништво со кој се влијае на создавање на услови за поттикнување на активно вклучување на жената на пазарот на трудот преку отворање на сопствен бизнис.

„Примена на стандарди од женското претприемништво и работа може да допринесе во остварување подобри резултати на компании во кои доминантна улога имаат жените. Новиот MK IWA 34:2022 воспоставува збир на заеднички дефиниции поврзани со женското претприемништво, како што се оние за бизниси во сопственост на жени и бизниси предводени од жени. Овој документ, исто така, ги дефинира здруженијата предводени од жени и неформалните претпријатија предводени од жените”, вели Габриела Кулебанова, потпретседател на Сојузот и упати благодарност до Институтот за прифатената иницијатива.

Дефинициите за женско претприемништво кои ги дава стандардот може да се користат во подготовка на различни програмите за економско зајакнување на жените, за прибирање и обработка на меѓународно споредливи податоци за женското претприемништво вклучувајќи го и влијанието врз локалните и националните економии. Стандардот, исто така, дава критериуми за проценка на важни фактори поврзани со овие дефиниции, како што се сопственост, управување и контрола, но и како да се постапува со распределување со инвестиции.

ИСО стандардот за женско претприемништво беше промовирaн по повод одбележување на Меѓународниот ден на жената во 2021 година, а беше воспоставен на иницијатива на SheTrades на Меѓународниот трговски центар, заедно со партнерите Шведскиот институт за стандарди и Меѓународната организација за стандардизација. Овој историски документ е развиен преку консензус меѓу повеќе од 300 меѓународни институции и експерти од над 60 земји и служи за усогласување на фрагментизираниот пејзаж на терминологијата што се однесува на женското претприемништво.

Важноста и улогата на женското претприемништво е признаена и прифатена и од Обединетите нации кои го поставуваат како дел од целите за развој, од што посебно место се дава на родова рамноправност, јакнење на жените и поттикнување на нивното учество во економијата.

Во активностите на Сојузот исто така развојот на женското претприемништво има посебно значење со цел креирање на подобро окружување за вклучување на жените во бизнисот, бидејќи со зајакнувањето на економската позиција на жените во урбаните и руралните средини како и со креирање на еднакви можности за активно вклучување на пазарот на труд и раководење со повисоки позиции, може да биде клучно во менувањето на економската состојба во земјата. Статистичките податоци покажуваат дека половината од работоспособното женско население воопшто не е на пазарот на трудот, се уште постои стереотипната перцепција за улогата на жените во општеството, а оние кои се осмелуваат да почнат бизнис не ја добиваат потребната поддршка како во однос на финансии, пристап со вештини и знаење за претприемништво и усогласување на професионалните обврски и семејството.