Курсот на еврото во пад, доларот руши рекорди во однос на јапонскиот јен

На светските пазари, вредноста на доларот во однос на кошничката валути порасна минатата недела, при што курсот на американската валута во однос на јапонската валута достигна највисоко ниво во последните 40 години.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската валута во однос на шесте најважни светски валути, зајакна минатата недела за 0,7 проценти, на 101,46 поени.

Во исто време, курсот на еврото се лизна за 0,6 проценти, на 1,1370 долари.

Американската валута, исто така, зајакна во однос на јапонската, за 0,9 проценти, па цената на доларот достигна 163,83 јени, највисоко ниво во последните 40 години.

Доларот зајакнува бидејќи се смета за побезбедно засолниште за капиталот во неизвесни времиња, а на финансиските пазари владее неизвесност поради, меѓу другото, секојдневните напади на американската војска врз Иран и Иран врз американските воени бази во регионот.

Поради кризата на Блискиот Исток, Ормутскиот теснец, клучниот пат за извоз на нафта од тој регион, е практично затворен за сообраќај, па цените на нафтата повторно растат.

Во средината на неделата, цената на барелот се проби над 100 долари на лондонскиот пазар, а тоа би можело повторно да ја стимулира инфлацијата и да ги наведе централните банки да ги зголемат каматните стапки.