Курт: Сакаме да ги направиме македонските аеродроми регионални авијациски центри, високо конкуретни на останатите аеродроми во регионот

56

ТАВ Македонија изготвува мастер план за развој на аеродромите во Скопје и во Охрид во наредните 20-30 години што треба да даде насоки во кој правец и како ќе се развиваат овие два важни објекта.

„Она што би сакал да го потенцирам е дека токму сега сме ангажирани за изработка на мастер-план за развој на двата македонски аеродрома. Да бидам попрецизен – овој мастер-план го подготвува нашиот мнозински сопственик АДП Интернешнал. Целта на овој мастер-план е дополнително да ја развиеме авиоиндустријата во Македонија и да ги направиме македонските аеродроми регионални авијациски центри, високо конкуретни на останатите аеродроми во регионот“ истакна Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.

Потсети  дека, во 2008/2009 година тие беа првиот аеродромски оператор кој влезе во овој регион на Југоисточна Европа со концесиски договор, а денес, очигледно е дека работите се сменија. Има неколку меѓународни аеродромски оператори во околните земји – Србија, Косово, Бугарија, Грција.

„Ако нашиот голем инвестициски циклус се случи со самиот влез на пазарот, нашите конкуренти најголемите инвестиции ги прават сега. Поради ова, мастер-планот за натамошен развој на македонските аеродроми е од големо значење. За нас како ТАВ Аеродроми, како концесионер, за државата и за граѓаните“, рече Курт.

Анализите на АДП ќе покажат што треба да се направи во следните 10 до 20 години на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид. И овие анализи ќе ѝ бидат презентирани на Владата.

ТАВ Аеродроми во Македонија почна да работи во 2010 година. Следната година ќе одбележат 15 години работа во Македонија и како што истакна Курт многу се горди на досегашните достигнувања.

-Од 2010 година досега, за неполни 15 години, со поддршка од Владата и од сите надлежни владини институции, успеавме да го развиеме авиосообраќајот во земјата, со цел да овозможиме патувањето со авион да биде достапно на што поголем број луѓе.

„На пазарот донесовме нови и клучни авиокомпании, отворивме преку 40 нови дестинации, а бројот на патници го зголемивме за речиси пет пати – од 640.000 патници на двата аеродрома во 2009 – на 3,1 милион патници во 2023 година“.

Истакна дека о изминатите 14 години, на скопскиот и охридскиот аеродром алоцирале над 300 милиони евра.

Од нив, 145 милиони евра се инвестиции, главно капитални инвестиции, како што е новата терминална зграда на скопскиот аеродром, новиот ВИП салон на охридскиот аеродром, двата ставени во функција во 2011 (120 милиони евра), потоа рехабилитацијата на пистата на скопскиот аеродром во 2022 (7,8 милиони евра), новиот најсовремен рентген за регистриран багаж “стандард 3” (2,4 милиони евра).

Долнителни 10 милиони евра се инвестирани во најразлична опрема – тешка опрема за земјени операции, потоа технички системи и механички инсталации, ИТ системи и апликации кои ни ги олеснуваат оперативните процеси за опслужување на авионите и патниците.

Инаку, ТАВ Аеродроми на македонскиот пазар, на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид вработува над 1.000 луѓе. Од нив 90 отсто се вработени во ТАВ Македонија, а останатите се во сестринските фирми – ТАВ Технолоџис (ИКТ технологии), ТАВ МОС (комерцијални услуги), БТА (храна и пијалаци), АТУ дјути фри (бесцаринската продавница).

„Во овој контекст, од 2010, кога почнавме да управуваме со македонските аеродроми, досега, ТАВ Македонија има исплатено над 160 милиони евра за плати на вработените (122,6 милиони евра), концесиски надоместок и даноци на државата (50 милиони евра).

Додека, кога станува збор за партнерските релации со авиокомпаниите, кои се нашите директни клиенти, во рамки на нашата програма за погодности за авиокомпаниите, имаме поддржано 20 авиокомпании со вкупна сума од 7,5 милиони евра за отворање на нови дестинации и пазари. (Морам да нагласам дека нашата програма за погодности за авиокомпаниите е различна од програмата за субвенции на Владата)“, потенцира Курт.