
Растот на цените на становите во државата продолжува и покрај тоа што трошоците за градење се намалуваат, а цената на работната рака стагнира. Според податоците на Народната банка, недвижностите во третиот квартал поскапеле за 25,1 отсто, а на месечна основа се зголемиле за 4 отсто. Просечната цена на становите во Скопје достигна 1.828 евра за квадратен метар и е за речиси 330 евра повисока од минатата година кога изнесуваше 1.500 евра за квадратен метар.
-Вкупните трошоци за изградба на нови станбени згради во 2024 година опаднаа за 7,2 проценти на годишна основа, наспроти растот од 9,4 проценти во претходната година. Главен чинител на падот се значително пониските материјални трошоци, за 10,5 проценти, при стабилен пад во сите четири тримесечја. Придонес во падот на материјалните трошоци има и пониската постигната цена на истргуваното градежно земјиште за 9,5 проценти, по високиот пад од 32,7 проценти во 2023 година, информираат од Народната банка.
Според податоците на Агенцијата за катастар на недвижности во најскапиот стан продаден во Скопје годинава чини 3.000 евра, додека во другите градови во државата цената на квадратот е за околу 1.000 евра пониска отколку во главниот град.
До крајот на годината истекува и времената мерка со која становите се продаваат со данок на додадена вредност од 5 отсто. Но, сè уште не се знае дали од Нова година становите ќе се продаваат со повластена стапка на ДДВ или таа ќе се врати на нивото од 18 отсто како што беше пред 15 години.
Градежниците велат дека доколку ДДВ се зголеми тоа ќе падне на товар на купувачите што значи дека цените на становите дополнително ќе се зголемат. На тој начин становите ќе станат речиси недостапни за обичниот работник и вистински предизвик за младите кои за прв пат купуваат сопствен стан.
Целиот текст на Локално.мк