Квалитет

422

Фото: Pixabay

Што е и што значи квалитет?!

Ако прашаме неколку производители во Македонија, што е вашата најголема предност, сите ќе кажат – квалитетот на производот или услугата (искуство од досегашното работење во Македонија). Доколку на сите им е квалитетот главна конкурентска карактеристика, тогаш многу тешко ќе може секој од нив да ја истакне како предност на пазарот. Бидејќи, ако еден фактор е ист за сите, тогаш тоа веќе не е конкурентен фактор (позитивен или негативен, без разлика). Од друга страна, пак, ако ги прашаме купувачите да ги поредат според квалитет тие производи, сите ќе ги постават на различно ниво на “скалата за квалитет”.

Во суштина, што е тоа квалитет?! Како го мериме или го восприемаме квалитетот?! За мене тоа значи едно, а за тебе можеби нешто сосема различно.

Пред некоја година, правевме едно истражување на пазарот (на купувачите) за еден наш клиент. Ги испитувавме купувачите како го перципираат производот, со што го поврзуваат, колку го купуваат, нивното искуство со него и сè друго што е важно да се знае за еден купувач. Меѓу многуте важни информации што ги добивме, најфасцинантно за мене од истражувањето беше тоа што сфативме дека – “купувачите го изедначуваат квалитетот со (1)вкусот и (2) со перцепцијата за брендот”. Значи, ако им го погодите вкусот на купувачите и вашиот бренд е позициониран повисоко во перцепцијата на купувачот, тие ќе го восприемаат вашиот производ како квалитетен.

Со цел ние вистински да знаеме дали и што е квалитетно, потребно е секогаш да правиме огромна анализа при одбирање на она што го купуваме. Тоа значи дека следен пат кога ќе одите во маркет, погледнете го составот на производот, потоа одете на Интернет и направете анализа на тие состојки, видете го нивното влијание, прочитајте некоја студија, погледнете различни перспективи, посетете неколку релевантни извори итн. И, така можеби ќе купите еден производ до затворање на маркетот. Ние немаме време за толку обемни анализи и затоа реагираме импулсивно и сублимирано на пораките што ни ги праќаат рекламите на производите.

Во суштина, единственото вистинско гледање на поимот “квалитет” е во создадената перцепција за тој производот. Односно, вкусот на производот (мора да им се погоди на купувачите) и маркетингот што го прават компаниите т.е. пораките што ги праќаат, ја дефинираат вредноста на тој производи. А тоа, во главата на купувачот, е директно поврзано со неговиот квалитет.

КВАЛИТЕТ = ПЕРЦЕПЦИЈА = ВРЕДНОСТ = МАРКЕТИНГ

И затоа, не може да зборуваме за тоа што е “квалитет”, а што не. Во зависност од карактерот и вредностите на компанијата, ние купувачите ќе бидеме изложени на “поквалитетни” или “неквалитетни” производи.

И така, за жал, сè се сведува на маркетинг. За совет (кон купувачите) што и како може да правите, не знам што да ви кажам! Само може да кажам, бидете внимателни! А, во однос на компаниите кои сметаат дека нивната конкурентска предност е квалитетот, да заборават на тоа и да се фокусираат повеќе на развој на производ (според вкусот на купувачот) и соодветна комуникациска стратегија која ќе го поддржува тој производ и ќе ја истакнува неговата вредност.

Со успех во промените.