Квантниот чип на IBM ветува супериорност до две години

30

IBM објави дека дизајнирал нов квантен компјутерски чип за кој верува дека ќе обезбеди супериорност на квантните системи во однос на традиционалните компјутери во некои задачи во следните две години.

Чипот Eagle има 127 кјубити кои можат да презентираат информации во квантна форма, објави Ројтерс. Класичните компјутери работат со битови – тие земаат вредност од 0 или 1 во исто време, но кјубитите можат да бидат и 1 и 0 истовремено.

Достигнувањето наскоро би можело да ги направи квантните компјутери многу побрзи од нивните класични „колеги“. Но, кјубитите се исклучително тешки за градење и бараат огромни криогени ладилници, за да работат правилно.

Споредбата е тешка: додека најновиот чип M1 Max на Apple има 57 милијарди транзистори, IBM вели дека неговиот чип Eagle е првиот што има повеќе од 100 кјубити.

IBM тврди дека новите техники кои инженерите на компанијата ги научиле при изградбата на чипот на крајот ќе произведат повеќе кубити кога ќе се комбинираат со други достигнувања во системите за ладење и контрола на квантните компјутери.

Компанијата, исто така, соопшти дека планира уште еден квантен чип Osprey во 2022 година со 433 кјубити, а потоа и чип Condor од 1.121 кјубити. Тогаш IBM ќе стигне до она што се нарекува „квантна супериорност“ – точка каде што квантните компјутери можат да ги победат класичните компјутери.

Но, квантните компјутери нема да ги надминат традиционалните одеднаш, рече Дарио Гил, виш потпретседател во IBM и шеф на истражување. Наместо тоа, IBM предвидува дека во догледна иднина, некои делови од компјутерските апликации ќе работат на традиционални чипови, а други на квантни чипови, во зависност од тоа која технологија најдобро функционира за одредената задача.