Лада е најпродаваниот автомобил во Русија

206

Пазарот на автомобили во Русија во јануари ослабе за 63,1 отсто, објави Асоцијацијата на европски претпријатија (АЕБ), официјалното претставништво на странските инвеститори во Русија. Повеќе од половина од продадените автомобили биле од марката Лада.

Ситуацијата во голема мера ја одразува кризата на понудата и продажбата на некинески брендови. Дополнително, статистиката не го зема предвид кинескиот Chery, кој според минатогодишните податоци зазеде околу осум отсто од пазарот, пренесува Комерсант.

Продажбата на патнички и лесни комерцијални возила во Русија во јануари падна на 32.500 единици, што е пад од 63,1 отсто. Јануари традиционално е лош за продажба на автомобили, но оваа година состојбата ја влошува недостигот на понуда на пазарот. Само кинеските и домашните марки имаат стабилни залихи, додека залихите на европските, јапонските и корејските брендови се исцрпени, поради санкциите.

„Лада“ останува лидер на пазарот, а нејзината продажба беше за три отсто помала од минатата година, 17.500 примероци. Како резултат на тоа, возилата од АвтоВАЗ, која ја произведува Лада, учествуваа со 53,7 отсто од вкупниот обем на пазарот. Втор е кинескиот Haval, а на третото место по продажба во јануари е Geely, исто така кинески бренд.

Руски ГАЗ ја намали продажбата за 32 отсто на 1,8 илјади возила, а секогаш добро продаваната КИА забележа пад на продажбата за 89 отсто и 1,4 илјади автомобили. Меѓу оние кои успеаја да продадат повеќе од илјада автомобили минатиот месец е и домашниот УАЗ, со околу 1.200.

Фото: Facebook