Лагард е непопустлива: „Ќе ги зголемиме каматните стапки дури и по цена на рецесија“

22

Европската централна банка (ЕЦБ) мора да продолжи да ги зголемува каматните стапки за да се бори против инфлацијата, дури и ако се зголеми веројатноста за рецесија во еврозоната, изјави претседателката на ЕЦБ Кристин Лагард во денешното интервју за летонскиот весник „Делфи“.

– Наша определба е стабилноста на цените, а тоа мора да го постигнеме со користење на сите алатки со кои располагаме. Решени сме да го направиме она што е потребно за да ја вратиме инфлацијата на целното ниво од 2,0 отсто – рече Лагард, во голема мера повторувајќи ја пораката од минатонеделната сесија за монетарната политика, пренесува Ројтерс.

ЕЦБ ги зголеми каматните стапки за вкупно 200 базични поени во изминатите три сесии, а пазарите предвидуваат серија дополнителни зголемувања што ќе ја доближат основната стапка од 1,5 отсто до нивото од 3,0 отсто во 2023 година.

– Нашата дестинација е јасна, уште не сме таму. Во иднина ќе има дополнителни зголемувања на каматните стапки – рече Лагард без да прецизира на кое ниво би можело да заврши зголемувањето на каматните стапки.

Инфлацијата во еврозоната се искачи на 10,7 отсто во октомври и се очекува да остане над целта на ЕЦБ од 2,0 отсто до 2024 година, што го зголемува ризикот од промена во однесувањето на деловните и домаќинствата бидејќи тие ја губат довербата во подготвеноста на ЕЦБ да ја заузда инфлацијата повторно под контрола.

– Колку подолго инфлацијата останува на толку високо ниво, толку е поголем ризикот таа да се прошири и да навлезе во сите пори на економијата – рече Лагард.