Лагард: Нашата посветеност за стабилност на цените е непоколеблива

66

Граѓаните на еврозоната можат да веруваат дека посветеноста на Европската централна банка (ЕЦБ) за стабилноста на цените е непоколеблива. Ова го изјави претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард за време на онлајн церемонијата на инаугурација на новиот гувернер на Бундесбанката – Јоаким Нагел.

„Свесни сме дека растот на цените ги загрижува сите и ние ја сфаќаме оваа загриженост многу сериозно“, рече Лагард.

Според неа, ценовната стабилност била „ѕвездата Северница“ која и помогнала на банката да се ориентира во многу турбулентни времиња. „Поминавме низ периоди на превисока и прениска инфлација, глобалната економија никогаш не застана“, рече гувернерката на ЕЦБ.

Таа го цитираше Гете, посочувајќи дека „животот им припаѓа на живите и оние кои живеат мора да бидат подготвени за промени“.

Говорот на Лагард беше одржан за време на онлајн церемонијата на инаугурација на новиот гувернер на Бундесбанката.

„Бундесбанка остана доследна на својата политика за одржување на ценовната стабилност, го поздравуваме Нагел како нов претседател, со нетрпение очекуваме да работиме со вас, Јоаким“, рече Лагард, обраќајќи му се на Нагел.

Оваа недела гувернерите на некои од најголемите централни банки во светот ќе одржат говори на различни теми. Секако, тоа неминовно ќе доведе до раздвижување на финансиските пазари, кои минатата недела целосно му свртеа грб на божиќниот дух.

Еден од најочекуваните настани е говорот на претседателот на Федералните резерви Џером Пауел во вторник. Во четврток ќе биде сослушана кандидатката на американскиот претседател Џо Бајден за заменик гувернер, Лејла Брејнард.