Лагард: Пребрзото зголемување на каматните стапки би ја забавило економијата

90

Пребрзото зголемување на каматните стапки во еврозоната, вклучува ризици, и покрај значително повисоката инфлација, бидејќи економскиот раст би можел да забави, предупреди денеска претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард.

Доколку ЕЦБ ги зголеми каматните стапки денес, ефектот во синџирите на финансирање би бил видлив само за шест до девет месеци, рече Лагард во интервју за радиото Франс Интер.
– Но, тоа би го забавило економскиот раст, ​​изјави Лагард. Таа ја повтори оценката на ЕЦБ дека „инфлацијата ќе се стабилизира и постепено ќе слабее во текот на 2022 година“. Банката неодамна прогнозираше дека оваа година инфлацијата ќе биде 3,2 отсто.

Во декември 2021 година, потрошувачките цени во еврозоната се зголемија за пет отсто во однос на истиот период претходната година, што е најсилно откако Европската канцеларија за статистика почна да ги следи податоците, поради силните цени на енергијата и проблемите со синџирот на снабдување. ЕЦБ таргетира годишна стапка на инфлација во еврозоната од два проценти, но е подготвена привремено да толерира повисоки стапки за да ги поддржи поволните услови за финансирање во закрепнувањето на економијата од пандемиската криза. Критичарите ја обвинуваат ЕЦБ дека ја поттикнува инфлацијата со исклучително блага монетарна политика, јави ДПА.