
Со усвојувањето на еврото од почетокот на следната година, Бугарија ќе постигне поголем просперитет и безбедност и ќе ја зајакне својата улога во Европската Унија, изјави претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард во Софија.
Според неа, просечниот бруто домашен производ на Бугарија по глава на жител се зголемил во периодот 2015-2025 година од една третина на речиси две третини од просекот во Еврозоната.
Таа, исто така, истакна дека 65 проценти од бугарскиот извоз оди во Европската унија, а 45 проценти во земјите од еврозоната.
Исчезнувањето на трошоците за конверзија ќе им заштеди на компаниите околу една милијарда лева годишно, додаде таа.
Еврото, како што забележува Лагард, исто така обезбедува стабилност и заштита од валутни шокови. За мали и отворени економии како Бугарија, изложеноста на флуктуации може да биде силна, а членството во Еврозоната обезбедува целосна заштита од промени на девизниот курс и ја зајакнува конкурентноста на бугарските компании.
Таа изјави дека дел од бугарската јавност се плаши од губење на суверенитетот и зголемување на цените.
Лагард објасни дека Бугарија нема да ја изгуби контролата врз монетарната политика, бидејќи гувернерот на Народната банка на Бугарија добива глас во Одборот на гувернери на ЕЦБ, додека привременото зголемување на цените за време на размената на валути ќе биде помеѓу 0,2 и 0,4 проценти, се вели на веб-страницата на ЕЦБ.
Со прифаќањето на еврото, Бугарија го потврдува својот европски идентитет и стабилност, ја зајакнува институционалната отпорност и создава поволни услови за развој на мали и средни претпријатија, со што се зголемува животниот стандард на граѓаните на долг рок, рече Лагард.











