Лагард: Во 2025 година ќе достигнеме инфлација од 2 отсто

15

Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, изјави дека забавувањето на инфлацијата „секако е наша прогноза“ и дека институцијата е решена да ги врати цените на целта од 2 отсто.

„Ние сме решени да ја намалиме инфлацијата на 2 отсто“, изјави Лагард за грчкиот весник „Катимерини“ во коментарите објавени на веб-страницата на ЕЦБ во саботата. „Според нашите проекции, тоа ќе го достигнеме во 2025 година.

Лагард рече дека не е загрижена за политичките импликации на напорите на централната банка, кои беа критикувани од некои европски влади, загрижени дека повисоките каматни стапки ќе го задушат економскиот раст.

„Нашиот мандат е да обезбедиме стабилност на цените и ова е најдобриот придонес што можеме да го дадеме за социјалниот мир и општеството, особено за најранливите членови“, рече таа.

ЕЦБ направи пауза од својата невидена кампања за зголемување на каматните стапки во обид да ја врати контролата врз инфлацијата, пишува Блумберг. Официјални лица сигнализираа дека трошоците за задолжување ќе останат зголемени за да се осигура дека растот на потрошувачките цени ќе се врати на 2%, иако слабеењето на економијата на еврозоната покренува прашања за тоа кога ќе станат неопходни намалувања.