Лани од земјава извезени парфеми вредни 1,3 милиони долари

58

Извозот на парфеми од земјава минатата година достигна вредност од 1.308.000 долари, што е за 34,5% помалку во однос на 2019 година, покажуваат податоците на World’s top exports.

Со тоа Македонија се позиционираше на 74-та позиција во светот, додека на врвот на листата се најдоа Франција, Шпанија, Германија, САД и Италија. Петте најголеми извозници лани опфатија 61,4% од вкупниот извоз на парфеми во светот.

Извозот на парфеми во 2020 година достигна ниво од 15,3 милијарди долари или 26,6% помалку во споредба со 2019 година.

Франција е најголем извозник и со најголем удел на пазарот од 27,2% и 4,2 милијарди долари. Потоа следат: Шпанија (1,6 милијарди долари), Германија (1,4 милијарди долари), САД (1,2 милијарди долари), Италија (милијарда долари), Сингапур (955,4 милиони долари), Полска (592,7 милиони долари), Велика Британија (556,2 милиони долари), Чешка (550,4 милиони долари) и Холандија (487,5 милиони долари).

Од земјите во регионот најголем извозник на парфеми е Хрватска со 39,8 милиони долари. Потоа следат: Бугарија (38,9 милиони долари), Грција (24,3 милиони долари), Словенија (7,5 милиони долари), Србија (3,2 милиони долари) и Албанија (440.000 долари).

Фото: Pexels