Лаваца сака да го преземе германскиот Далмајр

Италијанскиот производител на кафе „Лаваца“ се насочува кон Германија бидејќи се обидува да расте понатаму и подобро да се снајде во тежок период за индустријата за кафе, која е под притисок од растечките цени на суровините.

Според миланскиот дневен весник „Кориере дела Сера“, германската компанија „Далмајр“ со седиште во Минхен се разгледува како можна цел за преземање.

Преговорите, предводени од инвестициската банка „Голдман Сакс“, сè уште се во рана фаза, според италијанскиот весник. Се очекува спојувањето на „Лаваца“ и „Далмајр“ да се случи првенствено преку размена на акции, во која италијанскиот семеен бизнис би стекнал мнозински удел во германската компанија. „Лаваца“ не одговори на барањето за коментар, објави австриската новинска агенција АПА.

Ова би било второ преземање на „Лаваца“ за помалку од две години. Во 2024 година, компанијата, основана во Торино во 1895 година, даде понуда да ја преземе италијанската компанија IVS, втората најголема европска група за автоматизирана дистрибуција на кафе и пијалоци. По успешната понуда за преземање, Лаваца поседува 49% удел во IVS и ја задржува опцијата да ја преземе контролата врз неа до 2034 година.

Далмајр има годишни приходи од околу 1,2 милијарди евра. Компанијата, која сè уште е семејна, е присутна во повеќе од 50 земји, главно во Германија, и има околу 4.800 вработени. Исто така, е активна во производството на слатки и други пијалоци.

Лаваца ја затвори 2024 година со приходи од 3,35 милијарди евра, што е зголемување од 9,1 процент во споредба со 2023 година. Профитот се зголеми за 21 процент на 82 милиони евра. Овие бројки би можеле да се зголемат уште повеќе доколку договорот со Далмајр се реализира, објави весникот „Кориере дела Сера“.

Фото: Pixabay