Приказната за кафето Lavazza започнува многу одамна, пред 120 години, кога Луиџи купи малечка продавница, Paissa Olivero, во стариот трговски дел на Торино, Италија. Продавничката го чинеше Луиџи 26.000 италијански лири, односно само два долара.
Во тоа време таквите објекти беа истовремено продавнички и места за производство. Кафето беше само една од многуте други намирници што можеа да се купат. Истото се продаваше сирово, а потоа се печеше и мешаше по специјални рецепти според желбите на купувачот.
Токму ова го заинтригира Луиџи кој веќе имаше развиено вештина и знаење за подготовка на кафето, како соодносот на количините и температурата на печење.
Петнаесет години подоцна, во 1910 година, малата продавничка прерасна во трговија на големо. За време на Првата Светска војна, синовите на Луиџи Марио, Бепе и Перикле се вклучија во бизнисот, а истиот претрпе и промени во производствениот процес и обем. Ова беа првите чекори на компанијата кон незапирлив комерцијален раст, што овозможи да стане позната на регионално ниво.
Во 1927 продавничката прерасна во модерна Luigi Lavazza S.p.A. но требаше да поминат многу премрежја за да стане она што е денес.
Сепак, компанијата ги преживеа затворањето од страна на Лигата на Нациите како последица на економските санкции, прохибицијата на увоз на кафе, како и почетокот на Втората Светска војна и конечно стана специјализирана за производство на кафе.
Настана и првото Lavazza лого, а годишното производство достигна бројка од 1.000 тони.
Во 1935 Луиџи се повлекува од бизнисот, а во 1956 Марио ја препушта Lavazza на неговите браќа. Во меѓувреме побарувачката за кафе се зголемуваше низ северна Италија, па со тоа и потребата да се изгради нова фабрика. Тоа и се случи во месноста Корзо Новара, каде денес е седиштето на компанијата.
Во раните 60-ти кога начинот на обработка станал целосно механички, Lavazza го претстави своето прво ваакумирано мелено кафе со долг рок на траење.
Следуваа низа успешни години на работа, па компанијата се прошири со уште една фабрика во областа Сетимо Торинезе.
Компанијата почна да врши дистрибуција низ цела Италија, па палетата на производи беше модернизирана со нови техники на пакување во алуминиумски и пластични вакуум пакувања кои беа поевтини од лименките.
Во седумдесетите и осумдесетите години со добра инвестиција во маркетингот и низа успешни печатени и телевизиски реклами, Lavazza почна полека да ги освојува останатите европски и светски пазари.
Првата подружница компанијата ја отвори во 1982 во Франција. Потоа следуваа Германија, Велика Британија, Австрија, а во 1989 Lavazza се најде и на пазарот во САД.
Традицијата на Lavazza да посвети исклучително внимание на развојот на нови техники и производи ја наравија компанијата динамична и секогаш подготвена да одговори на потребите на клиентите.
Кафето кое Lavazza го користи го увезува од различни делови во светот Бразил, Колумбија, Гватемала, Костарика, Хондурас, Уганда, Индонезија, Виетнам, САД и Мексико.
Компанијата има шест производствени фабрики, четири во Италија и две надвор и работи преку подружници и дистрибутери во повеќе од 90 земји во светот. Има повеќе од 2.700 вработени, а ланскиот приход изнесуваше 1,35 милијарди евра.
Lavazza извезува 46% од производството уште истиот ден.
Моментално на чело на компанијата се третата и четвртатат генерација Лаваца, односно Алберто Лаваца во функција на претседател и Антонио Баравале како извршен директор.
Тука е и Lavazza Training Center, мрежа од над 50 специјализирани училишта за кафе каде секоја година техниката ја учат над 30.000 баристи.
Едни од најпопуларните производи на Lavazza се Qualita Oro, Qualita Rosso, Club, Caffe Espresso, Il Perfetto Espresso, Caffe Crema, Crema e Gusto, како и специјалните машини за подготовка на кафе.