“Лажни” вести

126

lazni-vesti

Фото: Pixabay

Во последно време, кај нас изгледа голем хит е да се зборува за т.н. “лажни” вести и тоа како во медиумскиот етер (најмногу на социјалните медиуми/ФБ) се пуштаат сè повеќе ваков тип на вести. Но, исто така, во периодов и јас бев сведок како “лажни” вести влијаат и се одразуваат на публиката. Од истражувањата што ги правев на оваа тема, гледам дека “лажните” вести, на светско ниво, добиваат најмногу акцент после изборната кампања во 2016-та во САД.

Прв пат проблемот на “лажни” вести се подига на толку високо ниво кога се мери влијанието на вестите кај гласачите во кампањата на Трамп и Хилари. Тука и ние како Македонија, бевме во центарот на вниманието, поради момчињата што се појавија од Велес и пласираа “лажни” вести за Хилари (во корист на Трамп) и врз основа на тие вести си направија многу пари. Иако тие воопшто не беа свесни за ефектите врз реалната состојба. А, аналитичарите потврдуваат дека, иако не може со огромна точност да се измери ефектот на тие вести врз одлуката за гласање, сепак имало определено влијание врз крајниот резултат. Истражувањата покажале дека лажните вести на ФБ имале поголем ефект (ја надминале гледаноста) во однос на вистинските вести.

За мене, најголема потврда за ефектот на “лажните” вести беше промоцијата што се направи за нашиот документарец Со љубов (Avec L’amour), за кого се направи огромен медиумски публицитет, промовирајќи го како оскаровец и како фаворит на некои од најголемите светски режисери. Сè уште слушам луѓе кои поверувале на таа вест (зашто па да не) и се чудат кога ќе дознаат дека сè е лага. А, ефектот на премиерата на филмот беше евидентен. Се бараше карта повеќе.

Меѓутоа, што е тоа “лажна” вест?! Кои вести ги декларираме како “лажни”, а кои како вистинити?! Дали вестите што ги слушаме на медиумите кои се декларираат како вистинити, точни, се навистина вистинити!? Најголем дел од вестите што ги примаме, во суштина не се вести од прва рака. Односно, ги примаме од некој друг за кого не знаеме колку и тој ги проверил и дали има некоја задна намера во позадина. Каква гаранција имаме ние дека вестите не се адаптирани на потребите на медиумот?! Постојано сме сведоци на искривување на вистината во интерес на некои политички или комерцијални цели. Па, зашто воопшто да веруваме во кој било „кредибилитетен” или не извор на информации.

Можеби, со цел да се подигне свесноста кај читателите на кои било вести, треба уште повеќе да се зајакне пуштањето „лажни” вести. Ако глобално протече информацијата дека голем број од вестите се лажни, тогаш можеби читателите повеќе ќе внимаваат, проверуваат и нема да земаат сè „здраво за готово”.

Иако во последно време многу владини институции и приватни компании се занимаваат со развој на систем за заштита од „лажни” вести, сепак не постои начин како да се одбраниме од лажните вести. Влезот и новите канали на дистрибуција на „лажни” вести, се шират во многу поголема прогресија во однос на развој на можности/алатки тие да се откријат. Во секој случај, ова се некои интересни совети за заштита од „лажни” вести што ги најдов на ФБ, објавено од Министерство за здравство:

  1. Земи го предвид изворот;
  2. Провери го авторот;
  3. Провери го датумот;
  4. Провери ги своите предрасуди;
  5. Читај „меѓу редови”- не само наслов, туку и целиот текст;
  6. Провери ги другите извори објавени на истата информациона платформа;
  7. Прашај се: дали е шега?
  8. Консултирај се со експерти од таа област

Јас не би ги земал предвид овие совети само доколку помислам дека некоја вест е лажна, туку би ги користел за сите вести што доаѓаат до мене.

Нашите одлуки не се засноваат на индивидуално рационално размислување, туку врз основа на општо (социјално) прифатените искази. Исто така, ние веруваме само во тоа што ни одговара (она што го потврдува нашето гледиште). Поради тоа ние сме многу подложни на манипулација на информацијата како и на оние што го контролираат протокот на информации. Затоа, пазете се од сите информации што доаѓаат до вас. Бидете скептични и недоверливи. Проверувајте сè. Па дури и овој текст!

Со успех во промените.

Ако имате прашање за Петар Лазаров, можете да го поставите на Бизнис советник.