Легализација на терасите за едно евро

40

IMG_Terasa01Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески денес најави дека со новите предлог-измени и дополнувања, се предвидува за тераси на објекти со намена домување во станбени згради и за тераси на згради, кои се пренаменети во станбен простор, да се пресметува надоместок во висина од 61 денар по метар квадратен.

Тоа значи дека дел од приходот од надоместокот за утврдување на правен статус на бесправни објекти на општините во Градот Скопје, да се распределува во сооднос 60% за градот Скопје и 40% за општината во градот Скопје на чие подрачје е изграден бесправниот објект.

“Согласно новиот Закон за катастар на недвижности, се предвидува запишување во јавните книги за недвижности на сите видови на линиски инфраструктурни објекти и електронски комуникациски мрежи и средства, од кои причини е извршено усогласување со овој закон. Со овие измени се предвидува сите видови линиски инфраструктурни објекти и електронски комуникациски мрежи и средства за кои е донесено решение за утврдување на правен статус да се запишат во јавната книга за правата на недвижности”, рече Јанакиески.

Министерот потсети дека според податоците од последната контрола е утврдено дека во сите општини и во Министерството за транспорт и врски се поднесени вкупно 354.169 барања за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, од кои се уважени речиси вкупно 50.000 барања, а за останатите постапката е во тек, или пак е прекината заради недоставување на целосна документација и ќе продолжи откако истата ќе се комплетира.

За предметите кај кои постапката е прекината станува збор за случаи каде доставената документација до општините не е комплетна и истите можат да продолжат само откако ќе се достават потребните документи.

Јанакиевски апелираше до граѓаните кои поднеле барање да ја комплетираат својата документација, а општините ажурно да го имплементираат овој процес и навремено да постапуваат по поднесените барања.