По повеќе од 60 години исполнување на детските соништа преку производство на најубавите детски играчки, Lego лансираше нова програма наменета за возрасните. Данската компанија во Велика Британија ја претстави програмата Lego Architecture Studio, што е насочено кон повозрасната популација, пишува британски The Guardian.
Оваа популација претставува нов и профитабилен пазар за компанијата што е препознатлива по најубавите коцки. Компанијата најавува дека оваа програма ќе донесе едно сосема поинакво и поразлично искуство, бидејќи во сетот ќе има 1.200 коцки и прирачник за инспирација од 250 страници, составен од познати и признати архитекти, но нема да има инструкции за соодветно поставување на коцките.
Овој сет на пазарот ќе биде достапен по цена од околу 180 евра и на купувачите ќе им “овозможи истражување на идеите и принципите на архитектурата“. Коцките се во бела боја или проѕирни, а можат да се најдат 76 различни видови на елементи, чија цел ќе биде да ја разбудат креативната мисла на оние што ќе ги редат.
Архитектите сметаат дека со овој комплет коцки може да се почувствува ограничување, во споредба со она што може да се постигне преку вообичаените архитектонски практики со користење на стиропор и жица, или пак дигитален софтвер или 3D принтер. Но, неспорен е фактот дека ќе го разбуди ентузијазмот и желбата за конструирање реплики на познати објекти или создавање потполно ново дело.