Кога данскиот дрводелец Оле Кирк Кристијансен започна да прави дрвени коцки во својата мала работилница во Билунд во 1932 година, не можеше ни да замисли дека 80 години подоцна коцките ќе бидат “играчки на векот”, а неговата компанија Лего (од данските зборови “leg godt” или “добра игра”) ќе прави годишен промет од скоро четири милијарди долари.
Но, не одеше секогаш се како подмачкано. Кон средината на 1990-те, продажбата падна откако евтини имитации го преплавија пазарот, а видео игрите драматично им го привлекоа вниманието на децата. И покрај тоа што компанијата склучи клучни профитабилни партнерства за сетови со успешни филмски франшизи како што се Star Wars и Harry Potter, до крајот на 21-от век империјата Лего почна да се распаѓа и стоеше на работ на банкрот.
Тогаш беше време за превземање на драстични чекори. Компанијата мораше да се реорганизира и да се затвори фабриката во Конектикат. Борбата траеше неколку години, но бизнис стратегијата функционираше и Лего го сврте работите во обратна насока. Сега повторно е еден од најдобрите играчи на пазарот на играчки, со годишен пораст на продажбата за 24% во последните три години и зголемен профит за 41%.
Лего не запира со иновациите и со освојувањето нови пазари. Пред една година ја претстави линијата Пријатели, линија производи наменети исклучиво за млади девојчиња, сет со пет женски ликови и многу розови и виолетови коцки. Линијата стана огромен хит и тројно го зголеми бројот на девојчиња што купуваат и си играат со коцки. Компанијата отвори продавници низ целиот свет, организира огромни интерактивни настани како Lego Kidsfest, а тука се и Legoland тематските забавни паркови. Првиот Legoland е отворен во Билунд, Данска, во 1968 година и годишно го посетуваат околу 1,6 милиони луѓе. Вакви забавни паркови има уште во Велика Британија, Германија, Калифорнија, Флорида и Малезија, а во план е да се отворат и во Дубаи, Јапонија (2015 година) и Јужна Кореја (2015 година).
Како играчките што ги продава, така Лего продолжува да расте и да додава коцки.
Што може да се научи од приказната наречена Лего?
1. Неуспесите ќе ве однесат до успехот, само доколку имате вистински став
Како и секој друг успешен бизнис, и Лего имал и лоши и добри денови, вклучувајќи два пожари кои скоро целосно го уништиле. Она што го прави Лего успешен е способноста кога ќе го згазат проблемите, да ги собере парчињата и да продолжи понатаму – откажувањето не е опција!
2. Бидете иновативни
Кога имате одличен производ, не престанувајте со иновациите. Лего стана легендарен со пластичните коцки, но не застана тука. Ја прошири палетата на производи, па дури направи синџир забавни паркови. Ако сте иновативни, конкуренцијата многу потешко ќе ве стигне. Ако имате успешен производ, секогаш постои можност конкурентите да го ископираат и да го модифицираат да биде подобар од вашиот. Иновативноста ќе ве држи на дистанца од конкуренцијата и секогаш ќе бидете “пионери” на пазарот.
3. Решавајте ги проблемите
Пред пластичните коцки, Лего играчките се правеле од дрво. Соочувајќи се со предизвикот наредените дрвени делови да не паѓаат кога конструкцијата се преместува од едно на друго место, Лего наоѓа начин како деловите да стојат како целина. Сакате да бидете успешни? Решавајте ги проблемите.
4. Фокусирајте се на квалитетот
Сите знаеме, особено родителите, дека Лего играчките не се евтини. Тоа е така затоа што културата на компанијата вели да не се жртвува квалитетот поради профит. Го знаете мотото на Лего? “Det bedste er ikke for godt”, што значи само најдоброто е доволно добро. Не го вовлекувајте бизнисот во војна со цените. Продолжете да додавате вредност и нудете квалитет, затоа што тоа ќе го издвои вашиот бизнис од останатите.