Lenovo и Huawei најпознати кинески брендови во светот

38

lenovo huawei

Технолошките компании Lenovo и Huawei и понатаму се најпознатите кинески брендови во странство, покажуваат податоците од истражувањето за кинескиот национален имиџ за 2014 година, пишува China radio international на хрватски јазик.

Lenovo е познат меѓу 49% од испитаниците во развиените земји, а 80% меѓу популацијата во земјите во развој. Работата на Lenovo подразбира производство на компјутери, сервери и паметни телефони. Во октомври минатата година, компанијата ја доврши аквизицијата со Motorola Mobility од Google. Со тој договор, Lenovo се позиционираше на трето место на светскиот пазар на паметни телефони во четвртото тримесечје на 2014 година.

Huawei, кој е специјализиран за телекомуникациска опрема и ИТ решенија, е познат меѓу 27% од популацијата во развиените земји и 63% во земјите во развој. Huawei е и производител на паметни телефони, па во чекор го следи Lenovo.

Истражувањето на имиџот на кинеските брендови на светскиот пазар за 2014 година вклучи 4.500 граѓани во Велика Британија, САД, Австралија, Јапонија, Кина, Јужна Африка, Индија, Бразил и Русија.

Топ 10 светски најпознати кинески брендови се: Lenovo, Huawei, Air China, Haier, Alibaba, ZTE, Hisense, TCL, Bank of China и China Mobile.