Патувањето со авион, од една страна, може да биде вистинско задоволство, а од друга, извор на стрес, напнатост и нервоза. Но, голем е бројот на патници кои доживуваат ноќна мора кога до нивното седиште ќе забележат родители со мали деца.
Авиокомпанијата Etihad Airways понуди решение на овој проблем, така што дел од својот персонал го трансформираше во “дадилки“.
Таканаречените “летечки дадилки“ им се достапни на патниците на долги летови во сите класи и им помагаат на децата да им биде забавно патувањето, да ги нахранат и да ги смират.
Целокупната услуга родителите ја добиваат бесплатно.
Повеќе од 500 стјуардеси сега имаат улога на “летечки дадилки“, кои поминаа специјализирана обука. Во рамки на тренингот, тие стекнуваа знаења околу детската психологија и социологија, за да можат на едноставен начин да им пристапат на деца од различна возраст со различен темперамент и карактер.
Истражување, што опфати 15.000 патници, покажало дека немирните деца се најголем извор на стрес во авионот, а расплаканите бебиња се најнепосакуваните сопатници.