Летна школа за финансиска писменост за поголема финансиска независност и поголем општествено-економски развој

9

Бројни анкети спроведени меѓу средношколците укажуваат дека голем дел од младите имаат делумно знаење за финансиската писменост и сметаат дека имаат потреба од повеќе информации. Дополнително, според најновите податоци за нивото на финансиска писменост кај возрасните кај нас, тоа изнесува 56% од максимумот. Ова е пониско од нивото на финансиска писменост кое е карактеристично за земјите од ЕУ и ОЕЦД.

Во ова време на големи општествени и економски пресврти, вложувањето во сопствениот развој и поголемо разбирање на светот на финансиите е клучно за младите. Како продолжение на своите активности во доменот на финансиска писменост и финансиска едукација, младите обликувачи на промени од Глобал Шејперс Скопје Хаб ја организираат Летната школа за финансиска писменост.

По успешното завршување на првиот дел од Летната школа за основно ниво на финансиска писменост, повторно во тек е пријавувањето за втор дел од Летната школа за финансиска писменост кој цели учесниците да се стекнат со понапредно ниво на финансиска писменост и навлегување во светот на финансиите. За време на Летната школа за финансиска писменост предвидени се предавања од повеќе од десет обучени предавачи и гости-предавачи кои имаат долгогодишно искуство во полето на финансиите, финансиската едукација, претприемништвото и личниот развој. На тој начин, Летната школа е посебна можност на спојување на младите со потенцијалните работодавачи и искусни професионалци од повеќе сектори како деловниот сектор и граѓанскиот сектор.

Летната школа е целосно бесплатна и ќе се одвива онлајн преку дигитална платформа со почеток од 18:00 часот (два термини во текот на една седмица), а по успешно завршување следува и сертификат за учество. Пријавувањето е едноставно преку пополнување на формуларот на следниот линк:  https://forms.gle/xLmhhMTgkAhfaEe29. Истото трае до недела – 26.09.2021 година. Повеќе информации може да најдете на профилите на социјалните мрежи на Глобал Шејперс Скопје Хаб – Фејсбук ин Инстаграм.

Организирањето на едукативни настани од ваков тип покрај големото значење и влијание за секој млад човек, е особено важен чекор кон остварување на Целите за одржлив развој (ЦОР). Поточно, станува збор за Целта за одржлив развој 4 – Квалитетно образование која предвидува обезбедување инклузивно и еднакво квалитетно образование и промовирање на можностите за доживотно учење за сите.

Глобал Шејперс Скопје Хаб е партнер на Конект во спроведување на активностите посветени на Целите за одржлив развој преку проектот „SDGs partnerships – leave no one behind“ со поддршка на Германското друштво за интернационална соработка (GIZ)