Личниот бренд – вредност за компанијата

87

sl

Фото: Pexels

Колку често сте се запрашале што е тоа што суштински ве разликува од останатите вработени во вашата компанија? Која е вредноста која ја креирате, кој е вашиот удел во успехот на тимот? Овие прашања се директно поврзани со вашиот личен бренд, кој, доколку е силен, ќе ви овозможи успех и во време на најголеми предизвици. Ако сте на чело на компанијата, личниот бренд на ЛИДЕР на компанијата директно влијае на брендот на компанијата и нејзиниот успех. Бидете сигурни – вашиот личен бренд може да ѝ помогне на компанијата да се зајакне, бидејќи во очите на вашите вработени, клиенти и корисници – ЛИДЕРОТ Е КОМПАНИЈАТА.

Да разгледаме неколку совети кои ќе ви помогнат да го зајакнете личниот бренд меѓу вработените. Работете свесно и секојдневно на неговата изградба, не оставајте на случајности кои можат да ве одведат во правец кој не го посакувате.

Креирајте вредност!… наместо само да работите

Има разлика помеѓу реална работа и состојба на “зафатеност”. Седењето во канцеларија не е секогаш најдобро искористеното време. Станете свесни за крадците на време и внимание –  интернет, телефонски повици, интерни состаноци кои се развлекуваат во недоглед. Работете најмногу и завршувајте ги најважни работи кога сте најпродуктивни (наутро или во попладневниот дел од денот). Уште еднаш – да имаш работа не е исто што и да креираш вредност за компанијата. Дали имате лична визија и мисија, личен кариерен план за следните пет години? Како и каде ќе ја водите компанијата, ако за себе немате јасна визија?

Искуството покажува дека успешните лидери водат компании, преку кои остваруваат некоја своја животна мисија.

Секој ден направете чекор во непознатото!… наместо да ги правите истите и истите работи

Нови резултати доаѓаат со правење на НОВИ РАБОТИ. ИНОВИРАЈТЕ! Вложете во личниот равој! Според Р. Шарма, за да дојдете до успех кој го имаат 1% од компаниите (брендовите, луѓето) – треба да сте подготвени врвно да работите, ризикувате, иновирате… како што веројатно се подготвени 1% од компаниите и професионалците. Дали сте вие во тие 1%? Во ред е да бидете исплашени – зад стравот се кријат НОВИ МОЖНОСТИ. Ситуацијата на удобност нè води кон напредок. Стимулирајте култура на иновации во организацијата, дозволете одреден степен на ризик, наградувајте нови идеи, наместо само добри резултати. Напредокот на компанијата зависи од придонесот на сите – генијална идеја за намалување на трошоците може да дојде и од секретарката која ги врши набавките.

Вложувајте во луѓето и креирајте лидери!… наместо да штедите на развојот на човечкиот потенцијал

Луѓето кои работат во компанијата се ЕДИНСТВЕНАТА ПРЕДНОСТ која конкуренцијата не може да ја копира. Луѓето КРЕИРААТ ВРЕДНОСТ, не машините или технологијата која ја имате! Секој вработен ТРЕБА ДА БИДЕ ЛИДЕР на својата позиција. Во компанијата не треба да има само еден ЏИН, замислете каква би била вашата компанија кога на секоја позиција би имале по еден ЏИН во својата област? Вложувајте во обуки, менторство, коучинг… инвестицијата се враќа повеќекратно! Всушност, таа инвестиција ќе ви овозможи да опстанете, долгорочно и нема многу избор. Дали вложувате во нови компјутери или работите на оние од пред десет години? А како да работат вработените со истите вештини, без можности за надградба?

Работете на себе и на личниот бренд!… наместо да се фокусирате на околината и на пречките

Развивајте позиција на ПОБЕДНИК во себе – работете на лична мисија, визија, стратегија за успех. Останете ИНСПИРИРАНИ за да можете да креирате НАTПРОСЕЧНИ резултати. Успехот е ОДЛУКА поддржана со неверојатна дисциплина, страст и доследност… слично како кај врвните спортисти! Секогаш ќе има конкуренција која на овој или оној начин може да се чини посилна од вас. Сепак, победникот е често тој кој во играта покажал најмногу желба да истрае и победи, а не тој со најмногу ресурси или технологија.

Имајте го предвид вашиот збир на вредности!… наместо да барате од вработените однесување што вие самите не можете да го покажете

Сакате сите да доаѓаат на време, да се точни на состаноците, а самите доаѓате половина час подоцна од закажаниот термин? Зборувате за искрен однос кон клиентите, но не сте доследни и искрени во односот кон вработените? Размислете за своите вредности, а кои нешта лично ги сметате за важни кај вашите вработени, како се однесувате во одредени ситуации. Вработените бараат лидер кој ќе посакаат да го следат (од таму и поимот лидер – водач), а за тоа треба да ја заслужите нивната почит. Барајте од вработените НЕШТО ШТО И САМИТЕ СТЕ ВО СОСТОЈБА ДА ГО НАПРАВИТЕ.

Бидете свесни дека секој лидер има своја “сенка”… нема безгрешни или совршени лидери, кај сите постои и друга страна на медалот

Секој лидер има и т.н. “своја темна страна”. Како се однесувате во ситуации на конфликт, како вработените ја доживуваат вашата амбиција и страст за успех? Ароганција, груба игра само да се постигне целта? Вашата “сенка” е присутна во компанијата и кога сте надвор, таа е дел од вашата репутација. Знаете ли како ве доживуваат колегите и соработниците? Побарајте искрен фидбек, поразговарајте отворено и без ЕГО – ќе добиете бесценети информации кои ќе ви помогнат да бидете уште подобри.

Луѓето можеби ќе заборават што сте кажале, но долго ќе се сеќаваат како сте направиле да се чувствуваат.

Наташа Ивановска, сертифициран тренер и бизнис коуч; основач и извршен директор на ИНСАЈТ Груп, компанија за личен и организациски развој; претседател на Асоцијацијата на советници за развој на кариера – АСК

Контакт: insight.natasa@gmail.com, 071 30 55 42