Лидери и Менаџери

409

lideri

Фото: Pixabay

(Овој неделен совет го посветувам на младите идни лидери и менаџери од академијата БАС – Бизнис  Академија Смилевски, и се надевам ќе биде мала мотивација да не заминат од Македонија, и да го покажат својот потенцијал и знаење во креирање убави работи тука, во државичево наше)

Идејата позади овој совет е всушност да поттикне и развие свесност кај сите нас за значењето и важноста на лидерството и менаџментот, како главна карика за развој на деловниот (а и на секое друго поле) еко-систем во државава. Многу често се наоѓаме (барем јас) во ситуација да спориме со соработници, колеги, пријатели за оваа економска состојба во која се наоѓаме. Што е причината што ние не може да искочиме од оваа јама?!

Мојата теорија е дека се почнува од нашиот ген. Да се вратиме само 5 векови наназад и да размислиме во какво опкружение сме живееле. Прво биле Турците, па Бугарите, па Србите, па марсовците, и сите тие ни кажувале што да правиме. Односно, ние сме биле секогаш извршители. Никогаш не се развивала атмосфера и клима за развој на своите лидерски и менаџерски способности. Секогаш други не воделе и ни кажувале каде да одиме. Кога така функционираат генерации и генерации, нормално е во нашето генче да фали кодот за равој на преференците за „лидери“ и  „менаџери“.

Затоа, во последниве 25 години, се наоѓаме во статус кво состојба. Сите не престигнаа. Ние 25 години чекаме да дојде некој и да ни каже што да правиме и како да работиме. Чекаме да ги превземат работите во нивни раце, да ги решат сите наши проблеми и бариери, а нам да ни дадат што ни се задачите и некоја ронка од лебот.

Тие и што имаат преференци и предиспозиции да се развијат во врвни лидери и менаџери немаат од каде и кого да учат. Сите се играме „претприемништво“ и „менаџерство“. Никој не ги поддржува, дури и напротив, најблиските ги демотивираат. Атмосферата е никаква, околината е затворена и инертна кон новини и прогресивни идеи, сè е против нив.

Затоа мора сите да направиме максимални напори да обезбедиме клима за развој на овие вештини. А, оние кои веќе се на овие позиции, да ја сфатат посериозно својата улога и одговорност што ја имаат и постојано да работат на развој на своите вештини.

Како може да се поддржи и поттикне лидерскиот и менаџерски дух:

  1. Системот: како функционира системот на државата, од аспект на економското работење? Дали се намалуваат бариерите во деловното опкружување и се нудат алатки за поддршка и стимулација на овие вештини? Дали се обезбедени финансии за деловните субјекти? Како да ги подобриме овие работи (почнувајќи од себе)?
  2. Образованието: почеток на формален развој на овие вештини. Денешниот систем е застарен и можеби функционирал некогаш. Сега и трендовите и времето налагаат да се размислува проактивно. Мора да се промени курикулумот и да се внесе повеќе применливо знаење.
  3. Практикантство: овој концепт на едукација кај нас е на многу ниско ниво. И од аспект на интерес кај учениците, но и од фирмите. Ученици и студенти, барајте пракса било каде, може да научите многу како функционира „реалниот“ свет, а вие директори примајте практиканти и помогнете им да ги развијат нивните дисциплини и карактер.
  4. Поддршка: од дома, од пријатели, од колеги. Не ги обесхрабрувајте своите деца да влегуваат во нови и ризични предизвици. Оставете ги да се испечат. Мора тие самите да научат да се справуваат со сите ситуации.
  5. Едукација: „Биди вечен студент“ вели еден наш почитуван автор – Јефри Гитомер. Секогаш е вистинското време да се почне и да се работи на развој на вашите лидерски и менаџерски вештини. Која е вашата стратегија и алатки за јакнење на овие вештини?
  6. Секој е лидер: но ништо не може да се направи од овие горе наведени идеи, доколку ние самите не сме лидери во нашиот микро-систем. Во нас самите. Што и да правиме, да го правиме на најдобар можен начин. Тогаш сме вистински лидери.

Со успех во промените.