Лидерот на Бундесбанк најавува нови зголемувања на каматните стапки

64

Европската централна банка (ЕЦБ) ги зголеми каматните стапки седум пати од јули во обид да ја залади инфлацијата, но ова веројатно не е крајот, навести претседателот на Бундесдбанк, Јоаким Нагел.
„Сè уште не сме ја добиле битката против инфлацијата“, изјави Нагел во вторникот за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. „Инфлацијата е забавена во последните месеци, но сепак е премногу силна.

На почетокот на мај ЕЦБ повторно ја коригира референтната каматна стапка, иако порастот од 0,25 процентни поени, на 3,75 отсто, беше помал од претходните шест пати.

„Можев да замислам зголемување од 0,5 процентни поени, но сепак најавивме повеќе зголемувања“, рече Нагел. Според него, пораката мора да биде јасна: „Сè уште не сме готови и каматите треба да продолжат да растат“.

ЕЦБ се стреми да ја задржи инфлацијата на просечно ниво од не повеќе од два отсто годишно. Стапката на инфлација, пак, со месеци е на значително повисока вредност.

Во април потрошувачките цени во еврозоната пораснаа за точно седум отсто. Во Германија, според прелиминарните податоци, годишната стапка изнесува 7,2 отсто.

„Инфлацијата значително ќе се забави, но веројатно ќе треба да почекаме до почетокот на 2025 година за… одржлива стапка под два отсто во Германија“, оценува Нагел.

„Каматните стапки во еврозоната мора да се зголемат за да се забави инфлацијата. Дури и кога се доволно високи за да го направат тоа, ќе биде потребно време инфлацијата да стане одржлива“, рече банкарот.