Лидерот на најголемата американска банка не се откажува: Рецесијата е најверојатното сценарио

122

Шефот на најголемата американска банка, JP Morgan Chase, Џејми Дајмон и натаму смета дека најверојатното сценарио е рецесија во САД.

Според него, изгледите за таканаречено „меко приземјување“ на американската економија без да западне во рецесија се меѓу 35 и 40 отсто, што значи дека рецесијата е најреална опција, пренесува CNBC.

Тој уште во февруари изјави дека пазарите во Соединетите Американски Држави се премногу оптимисти за ризикот од рецесија, а сега ја потврди својата претходна позиција и го привлече вниманието на бројните неизвесности и ризици.

– Отсекогаш укажував на геополитичките фактори, цените на становите, дефицитите, трошењето, квантитативното заострување, изборите, сето тоа предизвикува вознемиреност на пазарите – додаде извршниот директор на банката ЈП Морган Чејс.

Дајмон е скептичен и за изгледите на американската централна банка, ФЕД, да ја намали инфлацијата во САД до посакуваните два проценти поради планираните големи расходи за американската војска и зелената економија.