
Лидл е познат како синџир на дисконтни продавници кој, покрај храна, со години вклучува и разни непрехранбени производи во својата понуда – од облека и алати до играчки и предмети за домаќинството.
Според германскиот весник „Лебенсмиттел Цајтунг“, „Лидл“ сега планира да отвори посебна продавница во Германија само за тие производи – без асортиманот на храна – со што ќе влезе во директна конкуренција со дисконтери како „Акшн“, кои заедно со „Теди“ и „Вулворт“ бележат силен раст на пазарниот удел во тој сегмент, објавува списанието „Феникс“.
Првата продавница „Хоум енд Ливинг“ на границата со Швајцарија
Новата продавница ќе има доволно простор за сите шест брендови на „Лидл“: „Парксајд“ (алатки), „Кривит“ (спорт), „Есмара“ (мода), „Силверкрест“ (електроника), „Ливарно“ (опрема за домот и градината) и „Лупила“ (детски производи). Концептот ќе се вика „Лидл Хоум енд Ливинг“, а првата локација ќе биде во Лотштетен, во близина на границата со Швајцарија. Спроти новата продавница веќе има класичен супермаркет на „Лидл“.
Можно отворање на повеќе слични продавници
Доколку новиот концепт биде добро прифатен од клиентите, „Лидл“ планира да отвори повеќе вакви продавници „Хоум енд Ливинг“ низ цела Германија. Извори блиски до компанијата наведуваат дека целта е да се зајакне долгорочната позиција на Лидл во таканаречениот непрехранбен сегмент.











