Линиќ ги крати платите на државните службеници

26

hrЗа да ги намали расходите за плати од државниот буџет, хрватската влада би можела да го намали додатокот на плата по година работен стаж од сегашни 0,5% на 0,3%. Буџетот на овој начин годинава би заштедил 65 милиони евра.

Министерот за финансии Славко Линиќ оваа мерка ја предложил во рамките на ребилансот за тековната година, пишува Јутарњи лист.

Доколку предлогот биде прифатен, ќе ги опфати сите јавни службеници, чија бројка е околу 240.000.

Дополнителни 65 милиони евра министерот сака да заштеди на разни субвенции. Најмногу простор за заштеда министерството за финансии гледа во земјоделието, па се предлага министерот за земјоделство Тихомир Јаковина да ги намали субвенциите за 19,5 милиони евра. Понатаму, планирано е намалување на различни материјални расходи, капитални инвестиции и др. Според предлогот на министерот Линиќ, најмногу заштеди треба да остварат ресорите земјоделие, сообраќај и инфраструктура, економија, здравство и одбрана.