
Литванија и Малта во 2025 година ги надминаа големите европски туристички центри, како Португалија, Грција, Италија и Шпанија, според стапката на зголемување на бројот на посетители и генерираните приходи.
Според „Травел анд тур ворлд“ (ТТВ), извонредните резултати на двете држави се должат на повеќе фактори, вклучувајќи стратешки маркетинг, специјализирани туристички понуди, подобра поврзаност и силен акцент на одржливост. Со тоа, Литванија и Малта поставија нови стандарди и покажаа дека и помалите земји можат да постигнат значителен успех на конкурентниот европски туристички пазар.
Успесите на Литванија и Малта добиваат посебно значење ако се земе предвид дека туристичкиот сектор во Европа генерално забележа извонреден раст во последните години, достигнувајќи значајни достигнувања во однос на бројот на туристи и приходите.
Туристичкиот сектор во Литванија покажа стабилен и импресивен раст во изминативе години, опоравувајќи се значително од влијанието на пандемијата Ковид. Во 2024 година, земјата ја посетија речиси 1,4 милиони странски туристи, што претставува зголемување од шест отсто на годишно ниво и достигна околу 75 проценти од нивото пред пандемијата. Ова постави основа за натамошни успеси во 2025 година, при што само во првиот квартал беше забележано зголемување од 18 отсто на годишно ниво, а трендот продолжи и во наредните тримесечја, со што вкупниот број на туристи надмина 1,5 милиони.
Клучни земји на потекло за странските туристи кои го поттикнаа туристичкото заздравување на Литванија останаа Полска, Германија и Летонија, на кои им се придружи и Холандија, што значително придонесе за растот. Отворањето нови линии и агресивните маркетинг кампањи одиграа клучна улога во привлекувањето повеќе посетители, особено од Централна и Источна Европа, кои забележаа раст од осум отсто. Туристичката стратегија на Литванија се фокусира главно на културен, велнес и еко-туризам, аранжмани базирани на посета на паркови на природата и промоција на поавтентични туристички дестинации.
Од друга страна, Малта во 2024 година пречека рекордни 3,56 милиони странски туристи, што претставува зголемување од 19,5 отсто на годишно ниво и ги надмина предпандемиските бројки за 29 проценти. Во истиот период, регистрирани се 23 милиони ноќевања на странци, со годишен раст од 13 отсто, а приходите од туризмот достигнаа 3,3 милијарди евра, што претставува зголемување од 23,1 процент во однос на претходната година. Според податоците за првата половина од 2025 година, туристичките перформанси на Малта ги надминуваат очекувањата, со зголемување на посетителите од 18,3 отсто на годишно ниво, а се проценува дека во текот на целата мината година земјата ја посетиле околу 3,7 милиони странски туристи.
Клучот за успехот на туризмот на Малта, според ТТВ, лежи во нејзината способност да одржува рамнотежа помеѓу привлекување голем број посетители и обезбедување одржлив раст. Маркетинг кампањите на земјата се фокусирани на нејзиното богато културно наследство, уникатното крајбрежје и поволните временски услови во текот на целата година. Главни туристички пазари беа Велика Британија и Полска, при што речиси половина од странските туристи или околу 17,5 милиони беа Британци.
Со ваквите резултати, туристичките сектори на Малта и Литванија ги надминаа главните туристички земји во Европа, како Португалија, Грција, Италија и Шпанија, кои забележаа раст на бројот на странски туристи за околу четири отсто. Со ова, двете држави докажаа дека и помалите дестинации можат да постигнат извонреден успех со приспособување кон еволуирачките трендови во туризмот и нудење уникатни искуства.
Клучни фактори што придонесоа за извонредните перформанси на Литванија и Малта во туристичкиот сектор, според ТТВ, се диверзификацијата на нивната туристичка понуда и ефикасниот маркетинг за промоција на нивните дестинации. Двете земји се ориентираа кон промоција на културниот, велнес и еко-туризмот, привлекувајќи нов тип на туристи чии приоритет не се сонцето и морето, како обележја на традиционалниот туризам. Дополнително, двете земји инвестираа во дигитални маркетинг кампањи насочени кон специфични демографски групи. Литванија, во овие маркетиншки спотови, го нагласува своето културно наследство и туризмот базиран на природата, позиционирајќи се како порта кон европската историја и центар за авантуристички туризам. Малта, пак, со својот медитерански шарм, ја искористи својата богата историја и уникатни пејзажи за да им се допадне на странските патници.
На растот на туристичкиот сектор влијаеше и подобрената воздушна поврзаност на двете земји, особено воспоставувањето директни летови до клучните европски градови и отворањето нови линии. Двете земји, исто така, дадоа приоритет на одржливоста, тренд што е сè популарен кај туристите. Малта прави напори за промоција на еколошки туризам, а Литванија на зелени иницијативи за привлекување туристи кои се свесни за животната средина. Овие напори не само што го поддржаа растот на туризмот, туку и обезбедија индустријата да остане одржлива и одговорна, заклучува ТТВ.
Проекциите се дека Литванија и Малта ќе го продолжат својот туристички успех и по 2025 година. Се смета дека Литванија ќе се насочи на диверзификација на своите туристички понуди, пред сè со привлекување на поголем број туристи од Централна и Источна Европа, додека Малта ќе настојува да се промовира како туристичка дестинација погодна за посета во текот на целата година, а не само за летниот туризам.











