Лизинг скандал во Хрватска – банкарка откри измама на клиенти вредна 93 милиони евра

223

Измама вредна 700 милиони куни (93 милиони евра) била утврдена за периодот од 2008 до 2020 година, при што биле измамени околу 50 илјади клиенти, пренесува порталот Индекс.
Имено, констатирано е дека друштвата за лизинг, во најголем дел во сопственост на банки, спротивно на потпишаниот договор и целосно неоправдано ги зголемиле ратите на отплата на корисниците на лизинг. Измамата е откриена помеѓу 2008 и 2020 година, но многумина нема да можат да ги добијат парите бидејќи HANFA (Хратска агенција за надзор на финансиски услуги) тврди дека повеќето случаи се застарени.

Сања Мехиновиќ, поранешна вработена во Рајфајзен Лизинг, го пријавила недозволеното однесување кон корисниците на лизингот до надлежните хрватски органи, која ја доставила документацијата врз основа на која регулаторот утврдил неправилности и незаконитости.

Во интервју за порталот Индекс, таа вели дека менаџментот на Рајфајзен лизинг, во кој работела од 2007 до 2018 година на различни менаџерски позиции, ги „поделил клиентите на глупави и паметни“, при што ратите на отплата не биле неразумно зголемени за „паметните“ клиенти од страв дека ќе можат да откријат измама.

Од друга страна, на  втората група клиенти, оваа компанија за лизинг неоправдано и еднострано го променила фиксниот дел од каматната стапка (маржа) кај активните договори за лизинг, без да има јасна основа во договорните одредби или оправдани причини. Корисниците на лизинг не биле ни информирани за промените, иако тоа било експлицитно пропишано.

Но, некои од оваа втора група ја откриле измамата, а менаџментот на Рајфајзен лизинг, според неа, склучил договори со нив за другите клиенти да не дознаат дека плаќаат повеќе отколку што треба.

Мехиновиќ рече дека хрватското Министерство за финансии, кое има одделение за контрола на лизинг, воопшто не реагирало на нејзината претставка и докази против лизинг компаниите. Контролата што ја спроведе HANFA во Рајфајзен Лизинг по повод нејзината пријава, исто така, покажа дека клиентите биле поделени во две групи, што ги потврдило наводите на Мехиновиќ.

Многу клиенти, се чини, сè уште нема да можат да бидат компензирани бидејќи HANFA  тврди дека повеќето случаи се застарени. Се проценува дека на клиентите кои биле измамени за 700 милиони куни, ќе им бидат вратени нешто повеќе од 20 милиони куни (околу 2,7 милиони евра).