Љубљански Дневник: Понудата на Агрокор за Меркатор е понижувачка

32

merkatorЗа купување на 53% акции за трговскиот ланец Меркатор, понуди дале само хрватскиот концерн Агрокор и финансискиот фонд MID Europa Partners, пишуваат словенечките медиуми повикувајќи се на неофицијални информации.

Според пишувањето на Дело, Агрокор својата понуда ја засновал врз берзанската котација на акциите на Меркатор на Љубљанската берза и таа изнесува околу 110 евра, додека MID Europa Partners се одлучил за поинаков пристап и не навел цена, туку понудил само докапитализација. За Меркатор подобра е понудата на фондот, додека на сопствениците на овој трговски ланец, Нова љубљанска банка и Пивоварна Лашко, повеќе им одговара понудата на Агрокор.

Љубљански Дневник пишува дека понудата на Агрокор е под очекувањата и дека е понижувачка, несериозна и со нејасна финансиска конструкција, затоа што е предадена без банкарска гаранција. И понудата на фондот отстапува од очекувањата на сопственикот.

Финанце, пак, пишува дека би можел да пропадне и деветиот обид за продажба на Меркатор. Конзорциумот на сопственици на оваа компанија во текот на неделава ќе одлучува за понудите и ќе објави дали ќе ја продолжи продажната постапка или не, но познавачите се сомневаат дека цената од 110 евра за акција е доволно привлечна, па продажбата би можела да биде прекината, пишува весникот.