Логоварди стана четвртиот усвоен план за распределба на земјоделско земјиште со промена на границите

70

Собранието на учесници во консолидацијата на земјоделско земјиште од село Логоварди (Општина Битола) со мнозинство гласови од сопствениците го усвои Планот за распределба на земјоделското земјиште во Логоварди. По Егри и Трн (исто така во Општина Битола) и Дабјани (Општина Долнени), ова е четвртиот усвоен план за консолидација на земјоделско земјиште во државата по принципот на распределба со промена на границите, во рамките на проектот финансиран од Европската унија МАИНЛАНД, кој е ко-финансиран од Организацијата за храна и земјоделство при Обединети нации (ФАО) и се спроведува во тесна соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Консолидацијата во Логоварди опфаќа 399 хектари (ха) земјоделско земјиште и 388 сопственици. Со усвоениот план за распределба на земјиштето, бројот на парцели во Логоварди се намалува за повеќе од два пати – од 789 на 364 парцели со просечна големина од 1,1 ха (споредено со 0,5 ха пред консолидацијата). Новоформираните парцели имаат правилна форма и подобар пристап до земјоделската инфраструктура, што овозможува поефикасно и поконкурентрно земјоделско производство.

„Благодарение на проектот МАИНЛАНД, конечно нашето земјоделско земјиште ќе биде подобро организирано за попродуктивно производство“, изјави земјоделецот Драги Џумковски од село Логоварди. Според него, со расцепканите и ситни парцели било скоро невозможно да се биде продуктивен и конкурентен. Со усвоениот план за распределба, неговите 13 земјишни парцели расфрлани на далечни локации низ полето ќе бидат консолидирани во три големи парцели со правилна форма, со подобар пристап до земјоделската инфраструктура и просечна големина од 2,2 ха (наспроти 0,5 ха просечна големина пред консолидацијата). Ова ќе овозможи поголема ефикасност, како и можности за модернизација и окрупнување на земјоделското производство.

Врз основа на усвоениот План за распределба на земјиштето во Логоварди, во наредните неколку месеци проектот МАИНЛАНД ќе ја поддржи регистрацијата на ново-формираните парцели во Катастарот на недвижности, како и нивното обележување на терен.