Лојални играчи

19

lojalnost

Фото: Pixabay

Тимовите се дел од нашиот живот. Понекогаш сме лидери во тимот, а понекогаш сме дел од тимот. Во кој било случај, секогаш сакаме да имаме лојални играчи околу нас и со нас. Сакаме да имаме некого или некои околу нас на кои може да им веруваме, да се ослониме…

Лојалните играчи се личности кои се дел од тимот и се посветени на идеалите и на задачите што тој тим ги има или ги поставува. Ова го кажувам затоа што, мора да сме свесни за тоа дека едно е да сте дел од тимот, а друго е да бидете лојален дел од тимот.

Лојалните играчи се лојални на тимот и компанијата за којашто работат. Работат напорно за оставурвање на целите што се зацртани, но и даваат соодветни свои забелешки за подобрување на работата на тимот и на задачите. Лојалноста нема никаква поврзаност со времето поминато во еден тим.

“You don’t earn loyalty in a day. You earn loyalty day-by-day.”

– Jeffrey Gitomer
Лојалните играчи, како дел од тимот, имаат свои карактеристики кои можете многу лесно да ги препознаете. И убаво е да ги препознаете, за да може тие луѓе соодветно да ги наградите, но и да научите од нив:

Однос – нивниот однос кон вас е како однос спрема личност, а не како некој што е нивен претпоставен. Затоа, вашиот однос кон нив треба да ви биде на пријателско ниво, но сепак мора да ја поставите границата.

Никогаш нема да ве критикуваат пред другите – секогаш има членови на тимот кои критикуваат, но најчесто тоа е зад вас или во тимот. Лојалните нема да ве критикуваат пред другите (знаат дека со тоа се намалува вашиот авторитет), но бидете сигурни дека

Ќе ви кажат сè што мислат за да се подобри работата – дебатирањето е убава и здрава работа, но понекогаш може да биде и контра продуктивна, ако работата што треба да се заврши, едноставно треба да се заврши без да се дебатира. Овие личности, после завршена работа ќе ве тргнат на страна и ќе ви кажат што мислат за тоа. Немојте да негодувате што не сакале да кажат пред другите.

Информациите што не сакате да ги слушнете, ќе ги слушнете од нив – поради односот што го имаат со вас, очекувајте да слушнете од нив информации што најмалку би сакале да ги слушнете. Нормално, тие би требало да се поткрепени со соодветни нивни забелешки и приговори за ефикасно и ефективно завршување на работите.

Поддршка – поддршката што ќе ја имате од нив е целосна и постојана. Таа се манифестира како во вашиот однос, така и јавно. Јавно ќе манифестираат поддршка на вашите ставови и пред другите од тимот.

Искреност – овие членови на тимот се секогаш искрени со вас, па дури и кога ќе сакаат да си одат од тимот. Нивната лојалност кон вас и вашите размислувања и идеали не се намалени, туку едноставно, сакаат некои нови предизвици и мотиви во својот живот, но комуникацијата што ќе ја имате со нив е секогаш отворена и чувствувате дека лојалноста е сè уште во игра. Таа се манифестира со секојдневните комуникации.

Сите ние во нашиот живот сме се сретнале со вакви луѓе, но за жал многу ретко сме знаеле да ги препознаеме. Едно треба да знаете, успехот во извршувањето на вашите задачи, со овие луѓе, е повеќе од сигурен. Влијанието на овие личности, во тимот, остава една трага и белег и после завршување на работата.

Со успех во промените.