Лондон загрижен: Што ќе се случи со испораките на гас доколку се воведат санкции кон Русија?

96

Доколку Западот воведе нови санкции кон Русија поради ситуацијата околу Украина, Русија како одговор може да ги користи испораките на нафта и гас за Европа како оружје, да ги ограничи, што може да доведе до рекорден пораст на цените, пишува Тајмс, повикувајќи се на неименувани функционери во британската влада.

На серија состаноци се разговарало за потенцијалните последици од ограничувањата на руската енергија. Министрите дошле до заклучок дека нема директна закана од недостиг на гас, но цените ќе достигнат рекордна вредност.

„За разлика од некои земји, Велика Британија речиси и да не увезува руски гас. Сепак, како и сите земји, ние сме во опасност од зголемување на големопродажните цени, што ќе биде сериозен проблем доколку Русија ги ограничи испораките во иднина“.

Претходно „Фајненшл тајмс“ објави дека САД преговараат со Катар и другите големи извозници на течен природен гас за итни мерки во случај да има проблем со испораката на гас од Русија во Европа. Сепак, изворите на весникот предупредија дека нема „магично стапче“ за решавање на потенцијалниот дефицит, бидејќи Европа е под притисок од енергетската криза.