Барот Connaught, којшто се наоѓа во истоимениот хотел во Лондон, ја понесе титулата најдобар бар во светот на десеттото издание на Annual Spirited Awards, настан што годинава се одржа во Њу Орлеанс. Барот победи во оваа категорија, во којашто беа номинирани четири барови од Лондон од вкупно осум, пишува Luxuo.
Доделувањето на наградите се одржа во хотелот Sheraton, каде на големо се служеа разни коктели. На настанот присуствуваа 100 експерти од индустријата и победниците во петте главни категории. Се оценуваа техниките на мешање на коктелите, менијата и самите барови.
Connaught Bar е дизајниран од страна на реномираниот дизајнер Дејвид Колинс, а свој печат на внатрешноста имаат дадено познатиот луксузен бренд Jimmy Choo и стоковната куќа Harrods.
Гостите уживаат во единственото искуство на кожни фотелји што потсетуваат на декорот од 20-тите години на минатиот век. Ѕидовите се обоени во розово, светло зелено и виолетово, додека бармените се елегантно облечени во костуми со бели кошули, ракавици и црни појаси.