Лос Анџелес:Штета од дури 275 милијарди долари

Американскиот град Лос Анџелес, покрај човечките жртви, ќе претрпи и големи економски загуби поради катастрофалните пожари што ја зафатија областа, а проценките за штетата се сериозни – до 275 милијарди долари, објави метеоролошката веб-страница AccuWeather.

Пожарите кои продолжуваат да го зафаќаат Лос Анџелес би можеле да станат едни од најскапите во САД, но тешко е да се предвидат вкупните трошоци во овој момент бидејќи оваа ситуација е без преседан, истакнува Њујорк Тајмс.

„Овие пожари повеќе потсетуваат на поплава или ураган што погоди голем крајбрежен град како Хјустон или Њу Орлеанс, предизвикувајќи големи нарушувања за милиони луѓе и бизниси“, пишува Њујорк Тајмс.

Откако природните катастрофи, поттикнати од климатските промени, предизвикаа хаос со децении, истражувачите собраа мноштво податоци со следење на економските последици во текот на недели, месеци и години.

Така, иако проценките за економските загуби се тешки, AccuWeather предвидува штети меѓу 250 и 275 милијарди долари.

Најголем дел од штетите се уништени или оштетени објекти, од кои досега има околу 12.000. Иако ова не е многу во споредба со пожарите во Северна Калифорнија во 2018 година, вредноста на недвижностите во погодените области е огромна, како оние во населбата Пацифик Палисадес, каде просечниот дом чини три до четири милиони долари. Проценките за загубите во осигурувањето растат, достигнувајќи 30 милијарди долари според американската финансиска компанија Велс Фарго.

„Њујорк тајмс“ наведува дека осигурувањето нема да ги покрие сите трошоци за реконструкција, бидејќи многу полиси за осигурување се повлечени од понудите на осигурителните компании, а осигурувањето што го дава државата во краен случај покрива само до три милиони долари по станбена единица .

Во делот на стопанските објекти уништени се многу деловни објекти, а во некои области се преземени и заштитни мерки.

Исто така, потребни се средства за обнова на инфраструктурата, вклучувајќи ги водоводните, канализациските и електроенергетските системи.

Пожарите имаат краткорочни и долгорочни економски последици, вклучително и губење на работни места. Иако првичните штети за вработеноста не се големи, анализите покажуваат дека големите пожари можат да го намалат растот на вработеноста во следните години.

Покрај тоа, пожарите предизвикуваат сериозни здравствени влијанија, вклучувајќи зголемени смртни случаи, респираторни заболувања, предвремено породување и други долгорочни здравствени проблеми, пишува Њујорк Тајмс. Трошоците за живот во Калифорнија се веќе високи, а пожарите најверојатно ќе го забрзаат поскапувањето.

Сериозен предизвик претставуваат и повисоките премии за осигурување, а отсуството на полиси за осигурување може да доведе до пад на вредноста на имотот.