Стремете се кон вредноста, не кон успехот – ова е мотото што цели 162 години го следи еден од највредните брендови во светот Louis Vuitton. Популарната француска модна куќа беше основана далечната 1854 година од страна на Луј Витон, а приказната за овој бренд започнува со еден млад човек којшто го напушта својот скромен дом за да заработува за живот во Париз.
На свои 16 години Луј пристигнува во градот на светлината каде извесен господин Маршал го зема за свој чирак. Во 1854 година тој се жени и отвора своја работилница на којашто и го дава името Louis Vuitton. Благодарение на доброто рекламирање, за кратко време доживува успех и четири години подоцна го претставува куферот на склопување со рамно дно и Тријанон платно, лесен и практичен дизајн што и денес се користи.
Пред овој куфер да излезе на пазарот се користеле заоблени куфери и токму затоа неговиот изум бил револуционерен и топло дочекан. Во 1885 година Луј ја отвора својата прва продавница во Лондон и за три години го патентира својот изум креирајќи ја денешната препознатлива шара на платното – Damier Canvas.
По неколку години, Луј ја сели својата работилница во ново место, селото Азније што подоцна станува и негов дом. По неговата смрт во 1892 на чело на компанијата застанува синот на Луј, Жорж. Тогаш брендот доживува уште поголем успех и прераснува во најголема и најпопуларна продавница од таков тип. Во 1914 година компанијата ја отвора најголемата продавница за багаж во светот на познатата француска авенија Шанзелизе.
Местото веднаш стана омилено на богатите и елитата, а освен луксузната понуда, Louis Vuitton ги испорачуваше сите видови на куфери на своите клиенти.
Компанијата излезе на Париската берза во 1984 година, а во текот на своето работење направи одлични соработки со многу популарни брендови како Veuve Clicquot, Loewe, Christian Louboutin итн. Тие направија толку голем успех што многу други брендови се обидоа да го продаваат Louis Vuitton како нивен бренд.
Покрај препознатливите чанти и куфери, компанијата во своето портфолио вклучува и широк спектар на производи за мажи и жени, како облека, обувки, очила за сонце и разни други модни додатоци. Квалитетот на популарните патни торби се должи на висококвалитетните материјали од коишто истите се изработени.
Вредноста на компанијата се проценува на над 30 милијарди евра, бројката на вработени е приближно 122.000, а своите луксузни производи ги нуди во 3.708 локации во светот.
Најдобриот дел од целата приказна за Louis Vuitton е тоа што куферите и чантите се изработуваат рачно од врвни мајстори. Брендот секоја сезона креира ограничена линија на производи и најчесто за рекламирање користи славни личности, додека монограмот, интересната спојка на буквите L и V, денес е еден од најпрепознатливте заштитни знаци во светот.
Компанијата е дел од конзорциумот LVMH на којшто извршен директор е најбогатиот човек на Франција, Бернард Арно. Louis Vuitton беше еден од првите луксузни брендови што отвори свои бутици во Кина и Монголија и сега е во потрага на нови простори и пазари во Индонезија и Јужна Америка.