Ловџија или дивеч

224

lov

Фото: Pixabay

Победничка компанија – Од било каде, до врвот

Менаџерските практикуми се преполни со совети и сугестии како да носите одлуки, преговарате, решавате проблеми и конфликти, мотивирате, управувате со време… Сето тоа убаво изгледа напишано на хартија. Дел од тие совети се применливи во пракса, ама голем дел од нив ми личат на „како мама си го воспитува детето“. Штом детето излезе на улица, тие совети едноставно не играат. Улицата си има свои правила кои се различни од домашното воспитување. Така и во бизнисот – книгите за организациско однесување се едно, а преживувањето во компаниите е сосема друга работа. По 56 години живот и повеќе од 20 години занимавање со консалтинг, можам да кажам дека генерално имате две опции во компаниите: или да бидете напаѓачи или да бидете напаѓани, односно или да бидете ловџија или да бидете дивеч за отстрел.

Сум бил и во двете улоги. Кариерата ја започнав нормално како дивеч за отстрел, полека се претворив во ловџија, а на крајот (пред да станам сопственик на своја компанија) повторно бев на листата за отстрел. Од перспективата на консултант, сум ги гледал и се уште ги гледам тие ловечки игри одблиску, безгрижно завален во фотеља. Многу често тие игри ми произведуваат deja vu ефект, нешто што ми се случило на мене.

Како добро воспитано и образовано дете, се вработив во една голема компанија. Влегов во мојата прва работа со „чисти раце“ (повозрасните веројатно го паметат овој слоган на една политичка партија од 90-тите години). Верував дека моите способности ќе бидат видени од раководството, правилно проценети и, се разбира, правилно наградени. Чекав некое време, ама ништо не се случуваше. Решив да менувам тактика – од искреност и отвореност со сите околу мене, почнав да плетам мрежи и замки од ситни подметнувања. Тоа ми овозможи да не одам по скали туку да се возам со „лифт“ низ хиерархијата. Брзо станав ловџија и почнав да ги гонам оние кои потенцијално можеа да ми ја загрозат позицијата. Менував луѓе од работни места и отпуштав по различни основи. Сето тоа со ракавици, божемски тоа го бара компанијата. Всушност, зад голем број од моите акции, стоеја моите лични амбиции и потреби. На помладите читатели ова може да им звучи сурово, ама се надевам дека повозрасните ќе се согласат со мене дека ваквиот пристап има многу оправдувања.

Е сега, за волја на вистината, постои разлика дали сте вработени во мала приватна фирма или во голем конгломерат. Динамиката на малите фирми е едноставна: имате (а) основач, со неограничени права и (б) останати, со многу ограничени права. Ваквата поставеност не остава многу простор за „ловиште“. Ама, како компаниите растат и се зголемуваат, така оваа динамика се усложнува. Бенефициите кои доаѓаат со различните нивоа во хиерархијата драматично растат, а со тоа и трката за одење нагоре станува безмилосна. Нема место за фер игра, нема скрупули, нема етика. На дивечот му останува по ходниците да ги озборува ловџиите за тоа како се нефер, бескруполозни и неетични. А ловџиите уживаат во играта и во трофеите складирани во нивните (скриени од јавноста) пописни книги.

На крајот, препорака за „бруцошите во бизнисот“: во компаниите луѓето не добиваат онолку колку што заслужуваат, туку онолку за колку самите ќе се изборат. Така се одржува природниот еквилибриум внатре во компаниите – масата на добивки е ограничена, ама не се распределува рамномерно. Некои добиваат помалку од тоа што заслужуваат, а дел од нивните заслуги оди на контото на други кои тоа не го заслужиле. За некому да се раздени, некому мора да се стемни. Бизнисот, по дефиниција, е борба за опстанок. Нема fair play и скрупули. Секој нов ден во компанијата е борба во која актерите имаат еднакви шанси да им се случи промена во улогите – ловџиите да станат дивеч и обратно.

Мојот сон како бизнис консултант е еден убав ден да можам да бидам во состојба да организирам специјализирана обука за „командоси во бизнисот“. Тоа би била неколкумесечна програма дизајнирана и развиена да ги подготви „одбраните“ за движење низ хиерархијата. Ова не би била програма за меки интерперсонални вештини, туку bootcamp (логор, теренска вежба) за техники на одбрана и напаѓања. Дипломците од оваа програма би биле оспособени за најодговорните функции во нивните компании. Држете ми палци!