
Американскиот производител на електрични возила Lucid тврди дека нивниот автомобил успешно поминал рекордни 1.200 километри со едно полнење.
Се очекува дека ова ќе го сруши претходниот рекорд од над 1.000 километри, кој го постигна автомобил на Mercedes во Јапонија во јуни, јавува германската новинска агенција dpa.
Како што објави Lucid, чиј мнозински сопственик е саудискиот државен инвестициски фонд Public Investment Fund (PIF), нивниот модел Lucid Air Grand Touring помина од швајцарскиот град Сент Мориц преку Австрија до германскиот град Минхен со едно полнење на батеријата, вкупно 1205 километри. Ова го надмина светскиот рекорд на Гинис од 1.045 километри, кој го постигна автомобил на Mercedes во јуни оваа година.
„Овој рекорден дострел претставува важна пресвртница“, нагласи потпретседателот на Lucid, Ерик Бах.
Lucid е малку познат во Европа, истакнува dpa. Според официјалните податоци, околу 500 електрични возила на Lucid се регистрирани во Германија во април.
Според dpa, Lucid Air Grand Touring чини околу 130.000 евра.
Германскиот автомобилски експерт Стефан Брацел изјави за dpa дека со напредокот во брзината на полнење и проширувањето на системите за полнење на електрични автомобили, досегот на електричните автомобили станува помалку важен. Сепак, тој призна дека „прашањето за досегот сè уште е во мислите на многу клиенти“, пренесува dpa.
Во март оваа година, кинескиот производител на електрични автомобили, BYD, претстави систем за батерии и полнење што овозможува полнење со моќност до илјада киловати. При претставувањето на системот, BYD тврдеше дека електричниот автомобил може да помине до 470 километри по петминутно полнење.











