Lufthansa откажа бројни летови од Франкфурт до Сараево, Белград, Загреб и Љубљана

63

Германска Lufthansa планира да откаже голем број летови од Франкфурт до градовите низ поранешна Југославија бидејќи континуираниот недостиг на персонал продолжува да ги мачи и авиокомпанијата и индустријата.

Како што пишува „Aeroroutes“, откажувањата ќе влијаат на услугите поврзани со летовите од Франкфурт до Белград, Загреб, Љубљана и Сараево, но операциите од Минхен засега ќе останат непроменети.

Севкупно, авиокомпанијата ќе откаже 8 отсто од сите летови во рамките на својата внатре-европска мрежа следниот месец, пишува „ExYuAviation“.

Во септември беа откажани вкупно осум летови меѓу Франкфурт и Белград, па наместо првично планираните 60, ќе бидат реализирани 52 лета.

Lufthansa откажува и осум летови од Загреб во текот на месец септември, односно вкупно 44 летови наместо првично планираните 52.

Во Љубљана, која го избегна најголемиот дел од летните откажувања на летови, откажани се само четири лета, со вкупно 56 редовни летови меѓу Франкфурт и главниот град на Словенија, наспроти шеесет.

Најмалку ќе биде погодено Сараево, со оглед на тоа што за септември е откажан само еден лет од вкупно 29 планирани за тој месец.

Lufthansa е погодена од откажувања на летови ова лето поради недостиг на персонал. Проблемот дополнително се влоши минатиот месец кога нивните вработени на терен штрајкуваа, незадоволни од платите и другите услови за работа.