Лукаревска: Не се укинува Мој ДДВ

50

Директорката на Управата за јавни приходи (УЈП) Сања Лукаревска како шпекулација ги оценува тврдењата дека ќе се укине прoектот Мој ДДВ и посочува дека преку оваа мерка досега им се вратени повеќе од три милијарди денари на околу 350 илјади корисници.

„Сметам дека Мој ДДВ е еден од поуспешните проекти. Длабински го работевме и чекор по чекор го унапредувавме и ќе продолжиме да го унапредуваме. Заеднички ќе ги утврдиме сите проекции дали ќе има простор за зголемување на лимитот за поврат на средствата и навремено ќе ја информираме јавноста. Досега имаме околу 350 илјади корисници на мерката Мој ДДВ и од самиот старт до сега имаме вратено повеќе од три милијарди денари назад кај корисниците на мерката, така што ги отфрлам сите шпекулации дека ќе се укине оваа мерка“, рече Лукаревска во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во УЈП заедно со министерот за  финансии Фатмир Бесими.

Потврди дека дел од вработените во УЈП се државни службеници, а сите останати се даночни службеници и додаде дека постепено ќе бидат трансферирани заради разликите во платата меѓу државните и даночните службеници.