Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко денеска се закани дека ќе го запре транзитот на гас во Европа, преку транснационалниот гасовод Јамал-Европа, доколку Европската унија ги прошири санкциите против Минск, пренесува Белта.
„Ја снабдуваме Европа со греење, а тие се закануваат со затворање на границата. А што ако го исклучиме природниот гас овде? Затоа би им препорачал на лидерите на Полска, Литванија и другите празноглави поединци да размислат пред да зборуваат“, рече Лукашенко на владина седница, пренесе ТАСС.
ЕУ и НАТО го обвинуваат Лукашенко дека ги користи мигрантите како оружје за притисок врз Западот со испраќање на луѓе кои бегаат од Блискиот Исток во Минск, а потоа до границите на Полска и балтичките земји.
Брисел најави санкции против Белорусија поради ситуацијата со мигрантите на полско-белоруската граница.